10.05.2012, 12:55 Почнува снимањето на „До балчак”- Приказна од Дивиот исток
Режисерот Столе Попов денеска во селото Света ќе започне да го снима својот најнов филм по сценарио на Горан Стефановски
Во селото Света, Демирхисарско, режисерот Столе Попов денеска ќе почне да го снима својот најнов филм „До балчак - приказна од Дивиот Исток“, по сценарио на Горан Стефановски. Снимањето во идните десет недели ќе продолжи да одвива на територијата и околината на Битола, Скопје, Демир Хисар, Охрид, Штип и Прилеп.
Според режисерот, дејството во филмот се случува во првата декада на 20 век, а станува збор за сурова, но романтична љубовна приказна во која вечната македонска кауза за сопствен идентитет и самостојност е видена од агол на строга индивидуалност, лишена од каква било идеологизација.
„Слободата, правдата, љубовта, среќата, жртвувањата и предавствата се доживеани низ катарзични емоции што допираат до балчак. Поточно, се' е во знак на типичниот парадокс издигнат до ниво на проверената балканска филозофска максима: ебати животот ако не си спремен да умреш за него. Нешто што без никакви претензии би можеле да го наречеме македонски допир. Нешто вознемирувачко, а мирно, грдо а убаво, грубо, а нежно, темно, а просветлено, сурово, но поетично“, вели, меѓу другото, Столе Попов.
Во филмот ќе играат актерите: Инти Шрај, Сашко Коцев, Мартин Јорданоски, Тони Михајловски, Сенко Велинов, Мики Манојловиќ, Никола Којо, Јовица Михајловски, Искра Ветерова, Јордан Симонов, Драган Спасов, Никола Ристановски, Гораст Цветковски, Ана Костовска, Владо Јовановски, Камка Тоциновски, Билјана Јовановска и др.
„До балчак“ е во продукција на „Трингл филм“ во копродукција со „Сектор филм“, „FX 3X“ и МTV, а е поддржан и финансиран од Владата и од Филмскиот фонд. (К.Р.)
|