11.05.2012, 12:36 Наташа Илиевска се прости со европската титула
На Европското првенство во карате таа загуби во првото коло од Украинката Мелник, Корбулиќи и Ристевски денеска ќе се борат за бронза
Миодраг Мицковиќ
Најдобрата македонска каратистка Наташа Илиевска не успеа да го одбрани златниот медал во категоријата до 55 килограми од ланското европско првенство во Цирих. Континенталниот шампионат во Тенерифе, Шпанија, што се одржува овие денови за неа заврши уште на стартот по поразот во првото коло од Украинката Мелник. Втората наша претставничка Мери Ефремова, во категорија до 50 килограми, беше слободна во воведната рунда, во втората забележа победа против Космиду од Грција, по што следуваше пораз од Швеѓанката Агдак и беше елиминирана во борба за медалите
За разлика од каратистките, каратистите забележаа добри резултати и имаат добри шанси да се вратат со два бронзени медала. Тодорче Ристевски, во категоријата до 47 килограми, почна со две победи, против Костлер од Белгија и Гајглер од Германија. Во третото коло загуби од Французинот Рол, но доби шанса да се бори во репасажот пришто беше подобар од Чехот Шмајцл и денеска ќе се бори за бронзен медал.
Борба за бронзен медал обезбеди и Ферат Корбулиќи во категоријата до 75 килограми. Неговата стартна пресметка со Италијанецот Буса беше нерешена, но судиите го прогласија противникот за победник поради поактивна борба. Корбулиќи потоа го совлада Хрватот Лучиќ, беше подобар и од Португалецот Мореира и има шанси за бронзен медал, па и тој ќе има можност да се вртаи дома со одличје.
Големи беа очекувањата од Жарко Арсовски, особено по првите две негови победи против Велшанецот Мекмахон и Роб од Шкотска, но поразот од Турчинот Еркан не му дозволи да се најде во групата на картатисти кои ќе се борат за бронза.
Другите двајца наши каратисти беа елиминирани веќе на стартот. Огнен Груевски загуби од Холанѓанецот Петерсон од истата причина како и Корбулиќи во дуелот со Буса. Ико Ташов, пак, беше поразен од Воскањан од Ерменија. Пред нашите претставници во Тенерифе се борбите во кати и во екипна конкуренција.
|