10.05.2012, 13:02 Мајами против Индијана во полуфиналето на Истокот
„Жешките“ го совладаа Њујорк со 106:94 и ја добија плејоф-серијата со 4:1
Во полуфиналето на Источната конференција од НБА-лигата Индијана за противник го доби Мајами, кој во петтиот меч го победи Њујорк со 106:94 за конечни 4:1 во плејоф-серијата. Најефикасен во редовите на „жешките“ беше Леброн Џејмс со 29 поени, осум скока и седум асистенции. На неговата одлична партија се надоврзаа Крис Бош и Двејн Вејд, кои постигнаа по 19 поени.
Во арената „Американ ерлајнс“ не се случуваше ништо спектакуларно. По почетното водство на никси од 20:14, Мајами фати вистински ритам и до крајот воопшто не се мачеше, а резултатот постојано растеше во нивна корист. На полувремето „жешките“ имаа плус 11, а веќе кон средината на последниот период предноста порасна на 19 коша. Од тој момент кошаркарите од Флорида малку се олабавија и му дадоа можност на противникот да ја заврши сезоната со достоинствен пораз.
Првата рунда од плејофот никси последен пат ја поминаа пред 12 години, а од 2000 година наваму тоа за нив е невозможна мисија. Кармело Ентони и на оваа средба беше најсветлата точка во тимот од „Големото јаболко“, постигнувајќи 35 поени и осум скока.
„Задоволни сме од играта во овој дел, но во продолжението ќе биде се' потешко и потешко. Сигурен сум дека полуфиналето ќе ни изгледа како да се игра во кафез. Дуелот со пејсерси ќе бара голема физичка сила, па ќе мораме брзо да се прилагодиме“, изјави тренерот на Мајами, Ерик Споелстра.
Во Западната конференција Мемфис не дозволи сезоната да ја заврши брзо. Благодарение на одличниот ефект на високите играчи Марк Гасол и Зак Рендолф, „гризлите“ дојдоа до победа од 92:80 против Лос Анџелес Клиперс и ја намалија негативата на 3:2. За клиперси поразот не е изненадувачки, бидејќи во моментов нивните двајца играчи Блејк Грифин и Крис Пол се жалат на повреди. Нивниот настап во наредната средба е под знак прашање.
Гасол го заврши мечот со 23 поени, а а неговиот соиграч Рендолф застана на 19 поени и на десет скока.
|