11.05.2012, 17:51 Камења и навреди на протестот во Скопје
Околу 4.000 граѓани изразија револт за акцијата „Монструм“, каменувана зградата на Владата, инциденти и во Чаир
Горан Адамовски
Со стандардна кореографија, навредливи пароли и инциденти помина вчерашниот протест во Скопје, каде што околу 4.000 граѓани изразија незадоволство по акцијата „Монструм“. Каменувана беше зградата на Владата, настрадаа новинарски екипи, а имаше и серија неуспешни обиди да се испровоцира полицијата. На враќање во Чаир, повторно беше нападната општинската зграда, а беа забележани и тепачки.
Како што беше најавено, веднаш по пладневната молитва во џамијата „Јаја-паша“ на Бит-пазар, групата тргна кон Основниот суд. Иако ненајавени, за протестите знаеја сите, па и полицијата беше одлично подготвена. Сообраќајот беше затворен, а толпата, претежно млади, со знамиња на Албанија и карактеристичните исламски со зелена боја, чекореа по двете страни на булеварот. Носеа пароли на кои пишуваше „Стоп на полициската репресија“, „Албанците не се терористи“, но имаше и такви со навредлива содржина кон македонскиот народ и првите луѓе на МВР и на Владата, Никола Груевски и Али Ахмети. Извикуваа „УЧК, УЧК“, „Скопје, Приштина, Тирана - етничка Албанија“ и „Убијци, убијци“, што беше наменето за полицијата, која го обезбедуваше судот. Тука се задржаа неколку минути. На заминување, фрлија неколку шишиња и камења кон Судот.
Истото сценарио и пред Владата, со тоа што овде имаше поголем број радикални поединци, кои се обидуваа да ја тргнат заштитната ограда и да се пресметаат со полицајците. Некои од нив фрлаа со камења кон зградата и скршија два прозорци. Десетина момчиња, кои ја презедоа улогата на водачи на протестот, постојано им сугерираа на насилниците да се повлечат и да не прават инциденти. Да не беа тие, протестот веројатно ќе завршеше со поголеми инциденти.
По половина час, граѓаните се разотидоа кон Бит-пазар. Кај мостот „Гоце Делчев“ летаа камења и шишиња кон „специјалците“, кои останаа ладни и на постојаните навреди. Всушност, за време на целиот протест полицијата воопшто не реагираше, веројатно проценувајќи дека ја има ситуацијата под контрола. Како и минатиот петок, повторно беше демолирана автобуската постојка пред Владата.
Некои од демонстрантите рекоа дека протестираат за навредите кон албанскиот народ. Тврдат дека ја споделуваат болката на семејствата на младите убиени Македонци и бараат вистинските убијци да бидат изведени пред лицето на правдата. Сметаат дека уапсените не се виновни, а особено негодуваат за епитетот „исламски радикали“. Незадоволни се и од однесувањето на членовите на ДУИ, кои, според нив, ги легитимирале навредите врз албанскиот народ.
Бројката на лицата што протестираа беше поголема од минатиот петок. Според најавите на социјалните мрежи, протестите ќе се одвиваат секој петок.
Во пресрет на вчерашниот собир, имаше куп повици за воздржаност од инциденти. Евроамбасадорот Аиво Орав рече дека право на секој граѓанин е да протестира, но имајќи ја предвид сложената ситуација, организирањето вакви протести носи и огромни одговорности.
„Уверен сум дека сите институции во државата, МВР, полицијата, обвинителството, успешно ја вршат работата, колку што е можно најдобро. Мошне е важно и самите граѓани да веруваат дека институциите работат за доброто на сите, односно во интерес на правдата, а криминалците ќе ја добијат заслужената казна“, рече Орав.
Мендух Тачи, лидерот на ДПА, ги повика Албанците да не се приклучуваат на протестите. „Не смееме да влетаме во авантури, не смееме да ги врземе работите од етнички и религиозен аспект“, изјави Тачи. Апели за мирни протести имаше речиси од сите партии и институции. |