11.05.2012, 17:35 Коалиција меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ - возможна мисија во Струга?!
ВМРО-НП обвини за локално сојузништво меѓу најголемите политички ривали
Наум Котевски
ВМРО- Народна, единствената партија која во Советот на општина Охрид гласаше против изградба на станбени објекти на крајбрежниот простор кај "Билјанини извори", како што гордо потенцираат од тимот на Љупчо Георгиевски, вчера со загрижувачки тон ја предупреди јавноста дека во брзо време многу лесно може да биде сведок на невозможното - широка коалиција меѓу ВМРО ДМПНЕ, СДСМ и ДУИ - Струга.
„Дали во Струга има тројна коалиција и дали таа функционира во зависност од интересите на македонските партии, кои флертуваат со градоначалникот Рамиз Мерко и дали ваквото функционирање на овие две партии е во интерес на граѓаните на Струга“, прашаа од ВМРО-НП, откако пред неколку дена, со помош на гласови на СДСМ, помина нацрт-планот на градоначалникот за нови градби на 30. метри долж езерското крајбрежје.
За да се заштити од обвинувањата за ситно - партиски и локално - профитерски интереси, централното раководство на СДСМ реагираше промптно и ги суспендира двајцата свои членови кои дадоа амин за планот на Мерко - Александар Попоски, претседател на локалното раководство во Струга и советникот Илија Мацески. Практично, тој потег на СДСМ, како што вели портпаролот на партијата Емилијан Станковиќ, автоматски ги претвора сомнежите на ВМРО НП за некакви непринципелни коалиции во небулози.
„Тоа е класична шпекулација. СДСМ нема намера да коалицира ниту со ВМРО - ДПМНЕ, ниту, пак, со ДУИ. Двајцата наши членови мораше да понесат политичка одговорност поради непочитување на партискиот став“, потенцираше Станковиќ.
Тој повтори дека "штетната лична одлука може да предизвика урбан хаос на крајбрежјето.
Во стандардните партиски неуморни преписки, се вклучи и ВМРО ДПМНЕ. „Очигледно е дека СДСМ му се најде на Мерко тогаш кога се носеше урбанистичкиот план спротивен на интересите на граѓаните на Струга. Тоа СДСМ се обиде скапо да го наплати. Пазарот е две директорски места, а за возврат трајна штета на градот Струга“, возвратија од Општинскиот комитет од Струга.
Градоначалникот Рамиз Мерко во случајов се одлучи да молчи. И не му ни требаше дополнително да зборува, бидејќи пред неколку дена совршено го објасни овдешното корелациското практицирање на политиката.
„Како што може ВМРО-ДПМНЕ да бара за својата услуга, така и СДСМ има право да го бара тоа што им следува“, и порача ладно на јавноста Мерко. |