09.05.2012, 15:39 Орав: Во ЕУ само со нејзините вредности
Шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија на свечената академија по повод одбележувањето на 9 Мај - Денот на Европа
Секоја земја која што ќе избере да и пристапи на ЕУ мора прво да ги поддржи нејзините вредности - слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото и почитување на човековите права вклучувајќи ги и правата на малцинствата. Вашата земја е една од земјите коишто ја избра патеката на европска интеграција. На тој пат потребно е низ општ политички и општествен консензус да успее на реформската патека.
Ова го порача шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија амбасадорот Аиво Орав на денешната свечена академија по повод одбележувањето на 9 Мај - Денот на Европа на која присуствуваше државниот врв, дипломатскиот кор и други гости.
„На вашата земја се гледа од страна на ЕУ како на еден од најраните и вистински успеси на заедничката надворешна безбедносна политика и мислам дека повеќето ако не и сите луѓе во оваа сала ќе се согласат дека враќањето на земјата од работ на војната до прагот на пристапни преговори за помалку од една деценија претставува забележителен успех“, рече Орав.
Според него, ангажманот на ЕУ во текот на деценијата е исто така конкретен доказ за нејзината постојана посветеносткон, како што наведе, оваа земја. Притоа ги повика сите политички сили да постигнат широк консензус за клучните реформи, бидејќи е неизбежен за да земјата успее на реформската патека.
„Рамката е воспоставена. Европската перспектива останува водечка сила за реформата. Сепак, на крајот реформите треба да се преземат од ваша страна“, рече евроамбасадорот. Според него, најголемите вредности за овој процес е високата јавна поддршка помеѓу сите етнички заедници за евроинтеграцијаta.
„И ако има тешки денови, сепак е важно луѓето на оваа земја да останат обединети во нивната желба да се приклучат кон ЕУ. Верувам дека ова ќе ви помогне да ги надминете прашањата и предизвиците што стојат пред вас", порача амбасадорот Орав.
Свечено одбележан Денот на Европа
Денот на Европа беше одбележан денеска, со повеќе манифестации во главниот град, но и во другите општини во државата. Делегацијата на ЕУ во Скопје организираше конференција на тема „Како да ги зајакнеме граѓаните во Европа“, општина Центар организираше трка на келнери и европски хепенинг на плоштадот „Македонија“, а градот Скопје најави повеќечасовна забава во вечерните часови...
Премиерот Никола Груевски упати честитка до претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, а претседателот Ѓорге Иванов му честиташе на претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј...
Европа го одбележа денеска својот ден, односно датумот кога во 1950 година Роберт Шуман ја презентираше идејата за организирана Европа, со цел одржување на мирот на континентот кој беше разурнат и поделен од војни. „Шумановата декларација“ се смета за почеток на формирањето на Европска унија.
|