Фудбалските судии со длабоки џебови
Главен судија во Првата лига за судење добива 6.000 денари, во кошарката и во ракометот по 3.000
Миодраг Мицковиќ
Фудбалските судии во Македонија не можат да се пожалат на својата заработувачка на отсудените натпревари во Првата лига. Таксата за судење за главен судија изнесува 6.000 денари, плус 1.600 денари дневница. Вкупно 7.600 денари. Помошниците добиваат по 5.000, четвртиот судија 2.000 денари. На сите нив исто така им следува дополнителна дневница од по 1.600 денари.
Доволно е да отсудат само два натпревари месечно и тоа е веќе дополнителен приход за семејниот буџет од 250 евра. Меѓутоа, најдобрите судии судат и по три меча, често и повеќе бидејќи тука се и Куп натпреварите.
Во Втората лига таксите се помали, но не толку многу. Главен судија за отсуден меч добива 4.000, помошниците по 3.000, четвртиот судија 2.000. И на нив им следува на оваа сума дневница од 1.600 денари.
Со оглед дека на натпреварите заминуваат со едно возило четворицата судии, на возачот му следуваат и патните трошоци, 15 проценти од вредноста за литар бензин или 10 денари за секој изминат километар. Се плаќа само за едно возило.
Порано контролорите имаа високи такси, речиси како судиите, но таа сума сега е намалена. Контролор во Првата лига има такса од 1.800 денари плус дн��вница од 1.600. Во Втората лига контролорската такса е 1.100 плус 1.600 денари дневница.
Во ракометот судиските такси се двојно помали од фудбалските. Во Супер лигата главен судија и контролор имаат такса 3.000 денари.
Во женската лига судија и контролорот добиваат по 2.800, во Првата машка и женска лига судиската и контролорската такса изнесува 1.600 денари. Дневници нема, ова е вкупната сума што се добива за судењето или контролирање на судењето во ракометот. На судиите и контролорот, бидејќи патуваат заедно, за возачот му следува исто така според законските прописи наплата за бензин за изминат километар од 7 до 14 денари во зависност дали патуваат сами или со контролорот.
Интересно е да се напише дека речиси се идентични сумите за судење во Супер кошаркарската лига на Македонија. Дневници и кај кошаркарските судии и делегати нема, за секој судија и контролор (делегат) им следува такса од 3.000 денари, плус 12 денари од изминат километар за судијата чиј автомобил со кој ќе допатуваат на натпревар.
Меѓутоа, за судиите кои ќе го судат финалето во плеј офот таксата е зголемена на 4.000 денари.
Кај жените судиската и делегатската такса е многу помала, 750 денари, за финалето на плеј-офот 1.500.
Во Втората лига за мажи таксата изнесува нешто повеќе - 1.000 денари. И тоа е се'.
Не се многу платени ниту одбојкарските судии. Во првата лига таксата изнесува 2.000 за главен и помошен судија, а истото се однесува и за делегатот, кај жените 1.600 денари, но нема делегат. Бензинот од километар се плаќа само ако патуваат заедно двајцата судии. Ао е сам, се плаќа автобуски билет. |