Надал: Не отпишувајте го Федерер
Шпанецот смета дека неговиот голем ривал се' уште има сила за големи дела
Светскиот рекет број еден Рафаел Надал инсистира дека неговиот голем ривал Роже Федерер не е потрошена сила и вчера му даде поддршка за да го зголеми својот рекорден збир од 16 гренд-слем титули.
„Тој ја освои Австралија опен и победи во Синсинати (17. титула на Федерер на турнир од серијата Мастерс 1000), стигна до финалето во Мадрид и во Торонто, па ова е добра година за него“, им изјави Надал на новинарите на Јапонија опен што се игра оваа седмица. „Многу е тешко да се биде секогаш стопроцентен и тоа што го постигна Федерер во последните седум или осум години е речиси невозможно да се повтори. Тоа е неверојатно“.
Надал го достигна Федерер по освојувањето на сите четири гренд-слем круни со триумфот на Ју-Ес опен минатиот месец, со што ја збогати својата колекција на девет такви трофеи, а годинава славеше и на Ролан Гарос и на Вимблдон. Но, Шпанецот предупреди дека е премногу рано да се отпише Федерер, кој има освоено 63 титули во кариерата, но падна на третото место на АТП-листата.
„Се разбира дека тој ќе се бори да ги освои големите турнири“, рече Надал, кој оваа недела го има својот прв настап во Јапонија. „Тој се' уште е број два или три во светот и неговата игра се' уште е на многу високо ниво“.
Надал и Федерер се двајца од само седуммина мажи што ги имаат освоено сите четири гренд-слем турнири и Шпанецот му оддава признание на швајцарскиот маестро.
„Многу тешко е секогаш да се биде на врвот“, изјави Надал, кој неделава атакува на својата седма титула годинава. „Тоа што го има направено е многу, многу тешко достижно“.
|