Данците го стивнаа домаќинот
Победа од 27:24 во соседското дерби на полуфиналистите на СП за ракометари во Шведска
Шведска - Франција и Данска - Шпанија се двете полуфинални двојки на 22. Светско првенство за ракометари. Домаќинот Шведска со бранителот на титулата ќе се судри утревечер од 18 ч. во Малме, а а истиот ден од 20,30 ч. ќе се одигра и другиот полуфинален дуел во Кристијанстад.
Денеска ќе разигруваат Германија со Аргентина за 11. место и Норвешка со Србија за деветтото. Утре Унгарија и Полска ќе играат за седмата позиција, а Исланд и Хрватска за петтата.
Ова е епилогот од финалниот круг во двете групи од главната фаза, во кој однапред се знаеја полуфиналистите, но не и победниците на групите. Пресметката на соседите Данска и Шведска директно решаваше за победникот во втората група, што дополнително ја вжешти атмосферата во распродадената арена во Малме, во која двете селекции имаа еднаква поддршка, за на крајот да слават Данците со 27:24. Швеѓаните беа хендикепирани со отсуството на левучарите Ким Андерсон, кој има скршеница на коска во раката и за него мундијалот е завршен, како и на Оскар Карлен поради повредата на коленото, но тој можеби ќе се врати за полуфиналето. До 9:9 блескаа голманите Матијас Андерсон од Шведска и Никлас Ландин од Данска, по што вториот дури и даде гол со играч помалку при создавањето на предноста од 12:9. На одморот се замина со водство од 17:11 за Данците, кои сета неизвесност ја отстранија во 49 минута, кога Микел Хансен погоди за 25:17. До крајот домаќинот успеа само да го ублажи поразот. Франција ја одбрани првата позиција во првата група со победата над Исланд од 34:28 во Јенчепинг. Селекторот Клод Онеста реши да ги одмори клучните играчи, па репризата на финалето на Олимпијадата во Пекинг беше израмнета во најголемиот дел. Дури во последната четвртина од средбата „триколорите“ се одлепија на 4-5 гола и рутински ја приведоа до крајот.
Вицешампионот Хрватска го фати последниот воз за олимписките квалификации со победата над Полска од 28:24. Освен „коцкестите“ и Исланѓаните, во нив ќе има место само уште за победникот од мечот за седмото место меѓу Унгарија и Полска.
Резултати конечни табели
Прва група, последно коло: Германија - Норвешка 25:35, Шпанија - Унгарија 30:24, Франција - Исланд 34:28. Конечна табела: Франција 9, Шпанија 9, Исланд 4, Унгарија 4, Норвешка 2, Германија 2.
Втора група, последно коло: Хрватска - Полска 28:24, Србија - Аргентина 26:25, Данска - Шведска 27:24. Конечна табела: Данска 10, Шведска 6, Хрватска 5, Полска 4, Србија 3, Аргентина 2. |