Балканска фудбалска лига од септември?
Во неа би учествувале 22 клуба, по два од сите 11 држави во регионот, т.е. оние од 5. и 6. позиција во домашните првенства
Сашко Ѓ. Димовски
Под мотото „Ние се грижиме за Балканот“ вчера во Скопје беше претставен храбар и амбициозен проект чија основна цел е обединување на регионот преку спортот, поточно, преку најважната споредна работа во светот - фудбалот. Нелко Нелковски, Жељко Тодоровиќ и Филип Јовичевиќ од Балкан фудбал како сегмент на Балканфаре најавија старт на Балканска фудбалска лига, и прва и втора, и тоа од септември, а до мај треба да ги финализираат сите поединости околу неа.
Идејата е во првата Балканска фудбалска лига (БФЛ) да учествуваат 22 клуба, по два од сите 11 држави во регионот (Словенија, Хрватска, БиХ, Црна Гора, Србија, Македонија, Албанија, Грција, Бугарија, Турција и Романија). Првично е замислено во неа да играат екипите што ќе завршат на петтата и шестата позиција во домашните првенства. Притоа секој клуб ќе одигра вкупно 20 натпревари, 10 во зимска сезона и уште 10 во летна. На крајот се планирани и награди, и тоа вносни, за трите најдобропласирани екипи, а финансиски бенефит е најавен и за сите нејзини партиципиенти.
Втората Балканска лига, според проектот, би била поделена на четири региони - источен, западен, северен и јужен и во неа ќе учествуваат вкупно 33 тима, по три од секоја земја кои ќе завршат на третото, четвртото и петтото место во домашните второлигашки конкуренции. Натпревари во зима би се играле по групи, најдобрите четири екипи од регионите во летниот период би обезбедиле место во втората фаза во која ќе се натпреваруваат по стандарден бод систем.
Но, тоа не е се. Балканската фудбалска лига е само еден од четирите департменти на Балкан фудбал. Во план е Балканско фудбалско првенство што би било официјално натпреварување на националните репрезентации на сите 11 држави и истото ќе се организира на секои четири години во една од земјите кога ќе нема европски или светски првенства. Третиот департмент е Балканска фудбалска репрезентација (БФР) во чиј состав би биле најдобрите играчи од сите 11 држави во регионот, која би имала свој комплетен стручен штаб како и секоја друга национална селекција. Репрезентацијата би имала по една акција годишно и би играла ревијални натпревари со репрезентации од останатите региони во Европа и светот. Последниот дел од проектот е Балкански фудбалски развој (БФРА) кој би опфатил поврзување на сите балкански фудбалски школи, заеднички пристап во работата и развојот на фудбалската инфраструктура, формирање Балкански фудбалски институт, Балканска фудбалска телевизија, едукација на навивачи, итн. |