Ферер и повредата го сопреа Надал!
Светскиот рекет број еден загуби од својот сонародник во три сета, 4:6, 2:6 и 3:6
Давид Ферер го прекина сонот на Рафаел Надал дека ќе ги поседува сите четири Гренд-слема во исто време, нешто што последен пат се случи во 1969 година кога тој подвиг го оствари легендарниот Австралиец Род Лејвер! Шпанецот го совлада својот помлад сонародник за нешто повеќе од два и пол часа игра во три сета (6:4, 6:2, 6:3), а работата дополнително му беше олеснета затоа што беше евидентно дека првиот тенисер има проблеми со здравејето од самиот почеток на мечот (прележан грип пред самиот почеток на првиот Гренд-слем во сезоната). Меѓутоа, се' уште не се знае што точно го мачеше. Се претпоставува дека станува збор за задната ложа или препоната на левата нога. Во секој случај, беше очигледно дека не е подготвен за својот максимум. На теренот на двапати се појави и лекар кој позборува со Надал, кој кон тренерот и чичкото Тони праќаше загрижувачки погледи. Беше јасно дека на Надал не му е добро. Како и да е, Давид Ферер се промовира во последен учесник во полуфиналните двобои каде го чека Енди Мари. Добра вест за Ферер е што има 3:2 против Мари, а лоша е онаа која вели дека сите три меча ги добил на земја, додека на тврда подлога двапати славеше шкотскиот тенисер.
„Не е лесно да се игра против пријател кој е повреден. Тој е џентлмен, до крај играше повреден. Се разбира дека бев свесен за неговите проблеми, но добро си ја завршив својата работа. Сигурно дека нема да победев на овој начин ако Рафа не беше повреден“, изјави веднаш по мечот Давид Ферер
А, Најдобриот британски тенисер Енди Мари го заврши патот на Украинецот Александар Долгополов на Австралија опен, совладувајќи го во четврт-финалето со 7:5, 6:3, 6:7 (3) и 6:3 за 186 минути игра. Мари во претходните четири меча загуби само 22 гема, но во четврт-финалето минатогодишниот финалист во Мелбурн првпат оваа година беше соочен со вистински искушенија и противник кој е повеќе од добар. Долгополов на патот до четврт-финалето во пет сета ги исфрли Жо Филфред Цонга и Робин Содерлинг. Против Мари докажа дека тие успеси не беа случајни. Иако Мари имаше 2:0 во сетови и брејк во третиот, 22-годишниот Украинец, 46. на светкста ранг-листа, успеа мечот да го одведе во четврти сет. Но, во тој сет Мари поведе со 4:0, Долгополов врати еден брејк и повеќе од тоа не успеа. Мечот гледан во целина може да се окарактеризира како дуел во кој Долгополов беше агресивен, запиша 57 директни поени, но имаше и 77 неизнудени грешки, кои практично го решија мечот.
„Ова беше многу тежок меч. Секој поен беше таков. Долгополов го удира топчето поинаку од кој било друг тенисер. Тоа е тешко да се објасни. Не успеав да го пронајдам својот вистински ритам. Во полуфиналето ќе морам да одиграм многу подобро“, коментираше Мари по мечот.
Австралија опен, четврт-финале, тенисери:
Давид Ферер (7) - Рафаел Надал (1) 6:4, 6:2, 6:3.
Енди Мари (5) - Александар Долгополов 7:5, 6:3, 6:7 (3), 6:3.
Клистерс и Звонарева во полуфиналето
На женскиот дел од турнирот Ким Клајстерс и Вера Звонарева се втората полуфинална двојка на Австралија опен. Вера Звонарева ја совлада 20-годишна Чехиња Петра Квитова со 6:2 и 6:4, со што го повтори својот најдобар резултат во Мелбурн парк од 2009 година, кога исто така играше во полуфиналето. Куриозитет е податокот дека за Звонарева ова беше трет меч на турнирот и успех против чешки тенисерки кои играат со лева рака! Имено, во претходните две рунди ги елиминира Луси Сафарова и Ивет Бенешова. Значи, Звонарева имаше добра подготовка за двобојот против Квитова, минатогодишната полуфиналистка во Вимблдон, и работата ја заврши за 75 минути игра.
Белгијката Ким Клајстерс за полуфинале ја совлада 12. носителка, Полјачката Агнешка Радванска со 6:3 и 7:6 (4). Клајстерс која своите три Гренд-слем наслови ги освои на УС опен (2005, 2009 и 2010 година), не ја понуди својата најдобра игра. Направи дури 37 неизнудени грешки, но заби 41 винер. Беше доволно добра за Радванска ( 14 директни поени, 13 неизнудени грешки). И двте тенисерки се жалеа дека им пречат авионите во „низок лет“, кои изведуваа акробации во рамките на прославата на австралискиот национален празник.
„По малку беше застрашувачко. Се чинеше дека летаат прилично ниско и беа многу гласни“, објаснуваше Клајстерс.
Инаку во досегашните двет меѓусебни дуели Клајстерс води 6:3 против Звонарева. Русинката сите три победи ги запиша минатата година. Но, во оној четвртиот и најважен меч, во финалето на УС опен, Клајстерс славеше со 6:2 и 6:1.
Резултати, четврт-финале, тенисерки:
Ким Клајстерс (3) - Агњешка Радванска (12) 6:3, 7:6 (4)
Вера Звонарева (2) - Петра Квитова (25) 6:2, 6:4. |