Боба пак претседател на ТСС, Ѓоковиќ ја напушти седницата
Хаос на изборното собрание на Тениската федерација на Србија, таткото на Ѓоковиќ го исплука Живоиновиќ
Слободан Живоиновиќ повторно е избран за претседател на Тениската федерација на Србија на изборното собрание одржано во Белград. Делегатите собрани околу таткото на Новак Ѓоковиќ, Срѓан, ја напуштија седницата незадоволни од нејзиното одвивање.
Сепак, малку по полноќ за Живоиновиќ гласаа 455 делегати, никој не беше против, а 19 беа воздржани. И покрај убедливата победа, Ѓоковиќ остро ја критикуваше Федерацијата: „Мојата цел е тенисот во Србија да опстане и пак да бидеме светски прваци. Овие луѓе не беа во состојба за седум години да направат пет терени со балон и 300 квадрати како и неколку соблекувални“, изјави Срѓан, тврдејќи притоа дека Боба на турнирите навива против неговиот син Новак и дека го озборува целото негово семејство.
„Не ми се верува дека гласате за Живоиновиќ. Сите во Федерацијата се китат со туѓо перје. Дејвис купот го освоија играчите. Дали е можно да сте против светските прваци. Ништо немаат направено за нивниот напредок, за напредокот на децата, за новите таленти што доаѓаат. Тие луѓе пред неколку години го исфрлија Новак од клубот Гемакс. А, Живоиновиќ во четвртфиналето на Вимблдон пред две години кога Новак играше со Хас навиваше за Германецот. Имам сведоци, кои притоа го слушнале“, додаде Сржан Ѓоковиќ.
Живоиновиќ ги отфрли сите напади. „Се гордеам што сум тука. Не беше едноставно да се зачува единството. Победи љубовта кон тенисот и нашата досегашна работа. Приоритет ми е изградба на национален тениски центар“, изјави Живоиновиќ. |