Горан Пандев се враќа во репрезентацијата
Селекторот Јонуз го објави списокот на играчи за пријателскиот меч со Камерун на 9 февруари во Скопје (17,30 ч.)
Сашко Ѓ. Димовски
Горан Пандев се враќа во македонската фудбалска репрезентација по петмесечна пауза. Последен пат го носеше националниот дрес во септември лани во ремито со Ерменија (2:2) на „Филип Втори“ во квалификациите за ЕП 2012. Поради повреди и клупски обврски ги пропушти наредните четири меча (против Андора и Русија за ЕП 2012 и пријателските со Албанија и Кина), но домашната публика повторно ќе има прилика да го поздрави нашиот капитен на 9 февруари (17.30 ч.) во дуелот со Камерун што ќе биде прв тест за македонскиот состав во 2011 година, но и последен пред продолжението на квалификациите за ЕП 2012 и гостувањето кај Република Ирска.
Селекторот Мирсад Јонуз вчера го објави списокот на фудбалери кои ги очекува на 7 февруари во Скопје. За мечот со Камерун вели дека ќе претставува одлична можност за проверка на формата на репрезентативците, па затоа ги селектира најдобрите со кои планира да му се спротивстави и на Џовани Трапатони во Даблин на 26 март.
„Не' очекува вистинска проверка на нашите можности. Гаранција за тоа е играчкиот квалитет со кој располага противникот. За нашите фудбалери можам да кажам дека се наоѓаат во различни фази од формата. Тие што играат во Италија, во Германија и на Кипар се во натпреварувачка форма, останатите, пак, се подготвуваат со своите клубови и играат пријателски натпревари. Сепак ги одбрав најдобрите. Особено интересен ќе биде и дуелот на двајцата капитени и клупски колеги од Интер, Горан Пандев и Самуел Ето“, рече Јонуз.
„Очекувам поволни временски услови за подготовки и за самиот меч. Амбиентот на теренот ќе го креираат играчите, за оној на трибините очекувам поддршка од 20.000 гледачи. Треба да одиграме дисциплинирана и одговорна игра и добар резултат“, дополни селекторот на македонскиот тим.
Список на фудбалери за пријателскиот меч со Камерун на 9 февруари во Скопје (17.30 ч.)
Голмани: Един Нурединовски (Етникос Ахна/Кипар), Мартин Богатинмов (Карпати/Украина)
Одбрана: Мухамед Демири (Тун/Швајцарија), Игор Митрески (Нефчи/Азербејџан), Николче Новески (Мајнц 05/Германија), Ванче Шиков (Етникос Ахна/Кипар), Даниел Мојсов (Војводина/Србија), Александар Тодоровски (Рад/Србија), Александар Лазевски (Партизан/Србија), Горан Попов (Динамо Киев/Украина)
Среден ред: Величе Шумуликоски (Новосибирск/Русија), Филип Деспотовски (Интер Баку/Азербејџан), Дарко Тасевски (Левски/Бугарија)
Напад: Горан Пандев (Интер/Италија), Илчо Наумоски (Матерсбург/Австрија), Стевица Ристиќ (Амкар Перм/Русија), Иван Тричковски (АПОЕЛ/Кипар) |