За Илинден или на плажа или во спа-центар

Слободно место за летување во август речиси нема, а најбарана е Грција
Сања Наумовска
Летната сезона влегува во шпицот, а туристичките агенции работат со полна пареа. Ако не одат на одмор, нашите граѓани се растрчани по агенциите да си го пополнат времето за претстојниот илинденски продолжен викенд. Слободно место за летување речиси и да нема, иако традиционално во август аранжманите се најскапи. Најбарана е Грција, особено Халкидики и поблиските острови, за каде што веќе одамна нема место. Македонските туристи масовно летуваат и во Турција, Албанија и Црна Гора, а помалку во Бугарија. Оваа дестинација во последните години е поактуелна во зимскиот период, но и деновиве кога како алва се продаваат п��азничните аранжмани во Банско и Сандански.
За жал, велат нашите туристички работници, најмалку се прашува за домашните туристички места. Иако сезоната е во полн ек, во Охрид има многу слободни места во хотелите и апартманите. За празникот полно ќе биде во Маврово, каде што овој период е идеално да се побегне од градската врева и горештините. Нашиот најголем ски центар во лето нуди уживање и во чистиот воздух од планината и покрај езерото. Хотелските капацитети не се докрај поплнети, но на интернет страниците се бара место повеќе за викендичките.
„Цените на апартмани со тоалет во Охрид се високи и можат да се споредуваат со подобрите хотели во Грција, а услугата е многу послаба. Тоа е проблем веќе со години и е најчестата причина што ги одвраќа нашите граѓани да летуваат на нашите езера“, велат од туристичките агенции.
Претстојните празници за најголемиот дел од нашите граѓани ќе бидат почеток на годишните одмори, но и оние кои веќе завршиле со сончањето планираат да заминат и да го искористат само продолжениот викенд. Во туристичката агенција „Кондор“ најбарани се аранжманите за хотелите во Банско и Сандански, каде што уживањето во спа центрите и базените со термални води чини од 25 до 28 евра.
„Во август секогаш е борба за место повеќе. Најголемиот дел од аранжманите се распродадени со месеци однапред, кога туристите добиваат и попуст. Сепак, има многу граѓани, кои и во последен момент се надеваат дека ќе најдат слободен кревет по хотелите, па телефоните не престануваат да ѕвонат“, велат во „Кондор“. Пополнети се сите места кои оваа агенција ги нуди во хотелите и апартманите во Пефкохори и во Полихроно.
Место нема ниту во хотелите на островите Закинтос и Скијатос, кои ги нуди туристичката агенција „Игуана“. „Десетдневните аранжмани за островите како и за апартманите кои ги продаваме на Халкидики се целосно пополнети за првата половина на август, додека, пак, за втората има уште само неколку места“, велат во агенцијата. |