Пет минути интервју
Ги сакам миговите на самотија

Васил Зафирчев, актер
Валентина Тодоровска
Како зодијачки знак Риби, претпоставувам дека многу ја сакаш водата. Ќе се стационираш ли летово покрај море, езеро...?
„Летото најчесто го минувам интензивно работно, но наоѓам време и за одмор покрај вода. Да, важно е да е вода, сеедно дали е тоа море, езеро или река. Патем, го сакам летото, сакам сонце, вода, високи температури, печење на плажа... Ова лето го трошам во театар и на фестивалски патувања и така ќе биде до почетокот на август. Потоа следува долгоочекуваниот годишен одмор, најверојатно, некаде во Турција...“
Се привикна ли на животот на самец? Што ти годи, што ти пречи во прво лице еднина?
„Отсекогаш сум претпочитал мигови на самотија, дури и во заедница. Да го изгубиш правото на самотија, значи да го изгубиш правото на разговор со себеси. А тој разговор мене ми е исклучително важен, оти така се откривам себеси, а и другите“.
Каде се чувствуваш како свој на своето - во Велес или во Скопје?
„Се разбира во родниот ми град. Меѓу роднините, пријателите, колегите од театар. Оние што ме познаваат најмногу и најдобро...“
По театарскиот ангажман во Пула со претставата „Електра“, ќе продолжи ли соработката и понатаму?
„По настапите на Фестивалот на античка драма во Стоби и на ’Охридско лето‘, не очекуваат изведби на ’Електра‘ некаде во октомври, а веќе се договараат и нови соработки... и тука и таму... но, се' во свое време...“
Што ти е денес потребно за да ти затрепери срцето? Нова љубов на повидок...?
„Ни оддалеку... Засега доволен сум си самиот на себеси и уживам во тоа... Во миговите на слобода, дружење со пријателите... До следната средба од која ќе ми затрепери срцето... До следниот миг на фатална привлечност и длабоко препознавање...“
Сакаш ли кога ќе ја видиш Калиопи - сеедно, како, на ТВ или - лично?
„Така било и пред да ја познавам, така е и сега...“ |