Во пресрет на 30-годишниот jубилеj
„Морал“ ќе слави со нови песни

Момците од легендарниот македонски рок-состав ќе настапат на „Самер скрим-фестивалот“ во Охрид, а за крај на годината најавуваат нов албум
Катерина Шекеровска
Македонскиот рок-бенд „Морал“ следната година ќе го прослави 30. роденден. Покрај подготовката на новиот албум, што се планира да излезе до крајот на годинава, членовите на легендарниот состав ги очекува и настап на претстојниот „Самер скрим-фестивал“, што ќе се одржи на 31 јули на плажата „Парк“ во Охрид. Токму таму ќе ја промовираат и својата нова песна „Нема љубов за мене“.
Спроти 30-годишниот јубилеј е идеално време за кратка ретроспектива на изминатите годин��. Кога поминаа 30 години?
„Да, токму така, следната година ќе имаме јубилеј, 30 години од основањето. Групата ’Морал‘ беше основа во 1982 година како тројка со Боро Ристовски, на тапани и вокал, Славчо Стојановски - бас и Венко Серафимов - гитара. Истата есен групата го сними својот прв неофицијален албум во студиото на „Леб и сол“, и го имаше својот прв настап како предгрупа на загрепската група „Боа“ во преполната сала во Градски парк. Следната година во групата дојдоа Сашо Ангелов на тапани и Димитар Божиков (сега во ’Леб и сол‘) - гитара. Еден краток период вокал беше Џокси Васиќ, а подоцна Орша Чунихин. До заминувањето на Славчо во војска во 1986 година, групата имаше снимено педесетина песни во студијата на МТВ како и во тогаш најдобрите приватни студија во Скопје. Имавме повеќе десетина настапи низ цела Македонија и важевме за една од најдобрите рок-групи во Македонија во тоа време. По долга пауза, во 1994 година, групата повторно се состана и го сними својот прв официјален албум во ’Сити саунд студио‘ во Скопје. Познати песни од тоа време беа ’Џабе лаеш‘, ’Панично те сакам‘, ’Љубовта е далеку‘, ’Ѓаволска жена‘. Во 1998 година, групата го снима спотот за песната ’Ти ме убиваш‘, кој можеби е еден од највртените македонски рок-видеа. Во тој период во групата на гитара доаѓа Ивица Јорданов, кој во изминативе години се докажа како еден од гитарските виртоузи во Македонија. Групата повторно прави пауза, а во 2001 година ја снима песната ’Мора да е кошмар‘ со Влатко Илиевски како вокал. Следните неколку години се доста активни, снимени се многу видеоспотови, а во почетокот на 2004 година излезе албумот ’Кога патувам‘ со истоимената песна, која стана голем хит. И по трет пат групата ги заслужи признанијата за најдобра македонска рок-група (’Златна Бубамара‘, ’12 величествени‘), а можеби најуспешен настан за групата во тој период беше одличниот настап пред нивните долгогодишни идоли ’Дип парпл‘ во Скопје“.
На 31 јули настапувате на „Самер скрим-фестивал“ во Охрид. Ќе има ли специјално мени за присутните, со каков репертоар ќе ги почестите?
„Иако триесет години ќе славиме во 2012 година, сепак, ќе има специјално мени и во Охрид. По неколку години ќе биде промовирана нова песна од ’Морал‘, која е насловена ’Нема љубов за мене‘“.
Ќе настапи ли Влатко Илиевски како дел од бендот во Охрид? И дали е се' уште Ваш член?
„Влатко никогаш не ни излегол од групата. Секако дека ќе настапи во Охрид како пејач на ’Морал‘“.
Во кој состав функционирате моментно? Имате ли други настапи?
„Функционираме во истиот состав што го сними и минатиот албум: Ивица, Влатко, Славчо и Сашо, и во истиот состав подготвуваме нов материјал. Инаку, во изминативе една-две години немавме многу настапи, но сите беа одлично посетени, како концертот во Штип во преполн Дом на млади, Моторџискиот фестивал на Кале на кој имаше неколку илјадна публика, гости на концертот на Влатко Илиевски во ’Борис Трајковски‘ - десет илјади луѓе... Уште е поважно што нашите настапи беа многу добро примени од публиката“.
По речиси триесет години минати на сцената – кои години ги сметате за златни? Кога Ви беше најубаво?
„Секој период на бендот кога бевме поактивни беа златни години за бендот и се надевам во иднина кога планираме поголема активност ќе биде уште подобро. Најголем успех на ’Морал‘ е што успеа да зачува во составот квалитетни музичари кои секогаш со задоволство учествувале во проектот наречен ’Морал‘ и што успеавме да создадеме и снимиме квалитетна музика, која го издржа тестот на времето. Големо задоволство е кога ќе се види дека многу млади бендови свират некои од нашите песни на нивните настапи“.
Сите членови на „Морал“ си имаат свои професионални обврски, кои се поинакви од музиката. Какви се Вашите планови за понатаму?
„Иако сите имаме свои обврски и често не се собираме, сепак имаме голема енергија и веќе почнавме да го снимаме албумот кој неколку пати го најавуваме. Би требало да излезе до крајот на годината, а за идната спремаме еден голем јубилеен концерт кој се надеваме ќе биде поддржан од македонската јавност“.
|