Затвор за 5.000 евра затаен данок

Грција ќе се пресмета со 900.000 граѓани, кои и' должат на државата вкупно околу 41.1 милијарди евра
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - § должите на државата 5000 евра? Или ќе си платите или спремајте се за в затвор. Ова е новата порака од грчкото Министерство за финансии до околу 900.000 граѓани државата вкупно и' должат околу 41.1 милијарда евра. Новата порака од Министерството предизвика голем интерес кај медиумите, но и паника кај граѓаните, кои од различни причини, не ги намириле своите долгови кон државата.
Како што пренесуваат грчките медиуми, генералниот секретар на Министерството за финансии веќе издал задача до сите даночни службеници да почнат итно телефонски да ги известуваат овие должници со цел поб��зо да ги намират долговите и да избегнат подрастични казни. Оние кои ќе одбијат или нема да се во можност да ги намират долговите над 5.000 евра според новиот закон што стапува во сила на 1 август ќе се соочат со казна затвор. Од Министерството се размислува за формирање посебна служба што ќе оди од врата до врата и ќе ги известува должниците или, пак, да се испраќаат електронски или по пошта известувања за заостанатиот долг. Во почетокот на граѓаните ќе им биде дадени различни опции за регулирање на заостанатите долгови, како на пример бришење на 90 отсто од каматата за задоцнето плаќање и до 36 рати за плаќање на долгот. Колку подоцна се порано се пријават граѓаните за плаќање на заостанати долгови толку подобри ќе бидат условите за исплаќање на долгот. Оние што нема да одговорат на првичните телефонски повици на министерството и управата за јавни приходи ќе мора да се соочат со построги мерки и ќе одговараат пред адвокати и специјализирани лица за справување со даночните должници.
Како што пренесуваат медиумите, целта на министерството не е да ги затвори сите приватни лица што должат пониски суми, туку полесно да дојде до оние што должат и криеле астрономски суми од државата. Иста ваква тактика за заплашување на даночните затајувачи и неплаќачи министерството употреби во почетокот на 2011 кога истакна дека државата ќе има нула толеранција кон овие лица и во зависност од нивниот долг ќе има или високи парични казни, казна затвор или целосно одземање на дозволата за работа и затварање на компанијата која должи. Тогаш акцентот беше ставен на компании и лица кои поради неплаќање или затајување на данок должат од 50.000 до 70.000 евра на државата. Најавено беше дека најдрастични ќе бидат казните за оние што затаиле данок до 75.000 евра, односно казна затвор од една до 10 години.
Дали оваа втора најава е првиот чекор до вистинското спроведување на овој нов даночен закон ќе се види во следниот период. Владата веќе две години ветува дека ќе се справи со големите даночните затајувачи како дел од планот за подобрување на грчката економија и исплаќање на грчкиот долг. Меѓутоа и медиумите во Атина постојано потенцираат, а и самиот грчки премиер Јоргос Папандреу истакна дека државата се уште нема успеано во планот за справување со даночните должници бидејќи не било толку едноставно како што очекувале. Сепак и граѓаните и меѓународните институции очекуваат грчката влада да ги коригира конечно недостатоците на слабата даночна администрација и да го подобри системот за даночна проверка за конечно да се види на дело спроведување на законот и мерките за големите даночни затајувачи што досега требаше да бидат откриени и со чешлање на сметките, но и со хеликоптерската проверка на луксузните имоти. |