Ќе бидам среќна со пласман меѓу првите пет
Македонската претставничка Ања Ветерова (11) деновиве заминува во Минск, каде што на 20 ноември ја очекува финале на „Детска Евровизија“
Катерина Шекеровска
Македонската претставничка на „Детска Евровизија“, единаесетгодишната Ања Ветерова, наскоро заминува во Минск, Белорусија, каде што ќе ја претставува Македонија на најновото издание на детскиот „Избор на песна за Евровизија“ што ќе се одржи на 20 ноември. Ветерова се надева на пласман меѓу петте најдобри композиции, а најголем адут и е песната „Еоо, еоо“ („Магична песна“), која ја напиша самата.
Деновиве заминуваш за Минск каде што те очекува финале на детската „Евровизија“ на која имаш добра позиција, настапуваш последна. Какви се твоите очекувања од изборот?
„Па и не е толку добро да настапиш последен. Поинакви се правилата на јуниорскиот „Евросонг“, не се гласа по последната песна, туку од почетокот на изведувањето на првата песна. Сепак, се надевам дека ќе се пласираме добро и верувам во мојата песна и во мојот тим. Со мене на евровизиската сцена ќе бидат моите пријатели Деа, Филипа, Доријан и Георги како танчери, и Матија на гитара. Сите тие се занимаваат со музика и танц подолго време. Исто така, кореографијата ни е убава, разиграна, детска, со хип-хоп елементи. Вежбаме секојдневно во танцовата школа „Прима Данца“. Сите ние што ќе се натпреваруваме на „јуниорскиот Евросонг“ сакаме да победиме, ама јас би била среќна ако бидеме во првите пет“.
На кој јазик ќе пееш со оглед на тоа дека песната ја имаш во две варијанти - на англиски и македонски јазик?
„Секако дека ќе пеам на македонски јазик. Песната е снимена и на англиски за да се промовира уште поуспешно. Промотер на мојата евровизиска песна е агенцијата „Пристоп МК“, кои заедно со Миланка Рашиќ го подготвија промотивното мултимедијално ЦД, а интервјуа и информации за мене се објавени на повеќе европски евровизиски сајтови. МТВ, исто така, ја промовира песната во другите европски телевизии што се натпреваруваат“.
Спотот е подарок од „Томато продукција“... Се соочува ли нашата делегација повторно со финансиски проблеми? Кој ги покрива патувањето, трошоците, престојот? И колкава екипа водиш со себе?
„Им благодарам на ’Томато’ за преубавиот спот, кој ја раскажува приказната за волшепството на музиката... МТВ ги плаќа трошоците во целост за мојот престој и за шефот на делегацијата. Мал дел од трошоците се покриени со средства од спонзори, а најголемиот дел од трошоците ги покрија моите родители.
Во Минск заминуваме ние, шесте учесници, потоа од МТВ, шефот на делегација, Раде Спасовски, и Љупчо Мирковски, уметнички директор на националниот избор, како и Дарко Димитров, Елена Ристеска, Миланка Рашиќ и Илија Карадакоски, нашиот кореограф“.
Како поддршка со тебе доаѓа и твојата баба...
„Да, ќе дојдат моите родители и брат ми Лука, како и моите баба и дедо... Многу ми значи поддршката од семејството. Кога има можност, на сите фестивали патувам со моите родители“.
„Еоо, еоо“ има заразен рефрен и ритам. Како котира во однос на другите песни- учеснички?
„Има интерес за нашата песна, има и убави критики. Ги слушнав и другите песни, има многу интересни, кои ми се допаѓаат, ама јас сум концентрирана на подготовките за нашиот настап. Најубаво ќе ги доживеам сите песни кога ќе ги изведуваат на пробите“.
Неодамна се врати од детскиот фестивал „Нотите на Верди“ во Италија од каде што ја донесе и наградата „Сребрена нота“. На колку фестивали си настапила досега и колку тие ти помагаат во твојата изведба и во сигурноста на сцена?
„Нотите на Верди“, како и сите други фестивали, се многу големо искуство. Пеев на „Златна паричка“ во Италија, на „Чаролија“ во Белград, во Романија, победив на фестивалот во Киев, Украина ... Секогаш постои трема, ама од секој фестивал се учи нешто ново и се стекнува сигурност“.
Зад тебе е и дуетот со „Паркети“ со кои ја отпеа „Јас те сакам тебе“. Планираш ли уште вакви соработки?
„Многу ми е драго што таа песна стана хит . Би сакала да соработувам и со други наши пејачи... Можеби некогаш ќе снимиме дует со Елена...“
Веројатно, како единаесетгодишна основка имаш многу активности, посетуваш и музичко училиште... Кои се интересите на Ања, како го минуваш слободното време? И колку музиката е твое семејно богатство?
„Јас сум петтоодделенка во ОУ „11 Октомври“, а во нижото музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ сум четврта година на отсекот пијано. Учам англиски јазик, а кога немам обврски околу фестивали, се дружам со моите другарки, шетаме во парк, возам ролерки...Обожавам да си играм со брат ми, кој има една и пол година и многу ми е интересен, бидејќи во овој период почнува да зборува. Во нашиот дом музиката има значајно место, едноставно, денот не можам да го замислам без музика! Кај нас секогаш се слуша музика, најнови хитови или, ��ак, моите песни... Или јас свирам на пијано...“
Те препознаваат ли на улица? Ти годи ли славата?
„Најмногу сум среќна кога ќе ми пријдат и ќе ме пофалат за некој настап, тоа ми е најголемата награда, бидејќи така знам дека на луѓето им се допаѓаме и јас и моите песни. Еве еден најсвеж пример: еден Италијанец (во работна посета во Македонија) ме сретна на нашиот аеродром, ми пријде и ми побара автограм за неговата ќерка, која многу ја засакала мојата песна што ја отпеав на „Златна паричка“ во 2008 год.
Е, тоа ме направи многу среќна!“
Ања Ветерова
Датум на раѓање: 13.8.1999
Хороскопски знак: Лав
Образование: петтоодделенка
Хоби: музика, пеење, танцување, возење ролерки, пливање
Омилена серија: „Наше маало“
Музика: Елена Ристеска, Калиопи, Тоше, Нина Бадриќ , Џибони, Лаура Паузини, Бијонсе, Ријана, Џастин Бибер итн.
Желба: една по една желбите ми се остваруваат, а се надевам дека еден ден ќе ми се оствари и желбата да станам светски позната пејачка |