Лошите шефови ги „јадат“ вработените
Незадоволните работници се изложени на повисок ризик од срцеви проблеми и од депресија
По повеќегодишно испитување на негативните ефекти од стресот на работното место, психолозите се осврнуваат на неговите причини. Покрај вообичаените претпоставени причини - долги часови, лоши шефови и канцелариски напасници - тие идентификуваа и некои и��ненадувачки причини. Група самоубиства во компании, како што се „Франс телеком“ и „Хон хаи груп“ од Тајван, го привлекоа вниманието кон тоа прашање.
Во Америка, Конференцискиот одбор пријави дека 45 отсто од вработените се задоволни од своите работни места, што е намалување од 61 отсто во 1987 година. Податоците што се базираат на прегледот на 5.000 домаќинства во САД покажуваат дека намалувањето е далеку од загриженоста за безбедност на работното место. Вработените се незадоволни од концепцијата на работните места, состојбата на нивните организации и квалитетот на нивните менаџери.
Неколку студии ја потврдуваат цената за здравјето од стресот на работното место, што покажува дека незадоволните работници, меѓу другото, се изложени на повисок ризик од срцеви проблеми и депресија. Дански истражувачи ги објавија резултатите од 15-годишна студија на 12.000 медицински сестри, која покажа дека медицинските сестри кои се борат со прекумерен притисок на работа имаат двојно зголемен ризик од срцев напад. Британска студија со која беа следени 6.000 вработени во период од 11 години покажа дека оние што редовно работат повеќе од 10 часа дневно имаат 60 отсто повисок ризик од срцева болест отколку оние што работат седум часа.
Самјуел А. Калберт, клинички психолог што предава на Школата за менаџмент „Андерсон“ при Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, вели дека премногу луѓе работат во „токсична“ средина и дека насловот на неговата нова книга фрла светлина на еден од виновниците - „Ослободете се од извештајот за успех“!
Годишните извештаи не само што создаваат високо ниво на стрес за вработените, тврди тој, туку, исто така, ги прават сите - шефовите и потчинетите - помалку ефективни на нивните работни места. Тој додава дека извештаите се толку субјективни - толку зависни од односот на работникот со шефот - што се безначајни. Калберт вели дека разбрал од многу вработени како нивната кариера била уништена од еден неправеден извештај. „Во опкружувањето се чувствува многу лоша група вредности поради извештаите за успех“, велат тие.
Меѓутоа, сите експерти не се согласуваат дека извештаите едноставно треба да се укинат. Роберт И. Сатон, професор по менаџмент на Универзитетот Стенфорд, вели дека извештаите би можеле да бидат значајни доколку се соодветно направени. Но, додава дека „во типичен случај тие се прават толку лошо што е подобро воопшто да не се прават“.
Марк Шахријари, главен извршен претставник на „Луцикс“ во Камарилјо, Калифорнија, вели дека престанал да прави извештаи за успех откако бил сведок на емотивниот хаос што го предизвикале кај вработените на неговото претходно работно место. „Ако добиваа оценка во извештајот ’не си ефективен на работа’, тие ќе слушнеа ’не си ефективен како личност’“. Друга интересна област за состојбата на работното место е „деструктивното раководство“, што ја испитува улогата која ја имаат претпоставените врз психолошката состојба на своите вработени. Дури и во случај кога работното место не може да го елиминира стресот, истражувањето укажува дека вработените подобро се справуваат кога имаат добар однос со нивниот шеф.
„Ако сум консултант во некоја организација и ако таму има морални проблеми, првото нешто на што би обрнал внимание е односот со претпоставените“, вели Роберт Р. Синклер, вонреден професор по психологија на Универзитетот Клемсон во Јужна Каролина. „Еден од податоците во кои можеме да бидеме многу сигурни е дека луѓето кои имаат повеќе поддршка од претпоставените настојуваат да работат подобро во стресни ситуации“.
Лошите шефови се огромен извор на стрес. Во една британска студија за медицински сестри, вработените кои не ги сакале своите претпоставени постојано имале зголемен крвен притисок во текот на работниот ден. Иако поединец не може да направи многу со таков шеф, Американското здружение на психолози нуди совети како да се најде ментор во компанијата за да се дискутираат стратегиите за справување со проблематичен претпоставен. Здружението забележува дека една од опасностите на таквиот однос е самоуништувачко однесување, како слабо работење или личен напад на шефот. Од тие причини, вработените треба да се фокусираат на контролирање на своите негативни емоции.
Но, во реалност, вработените се релативно безнадежни кога се соочени со претпоставен што навредува. Проблеми со шефот се меѓу најчестите причини поради кои вработените даваат отказ од своите работни места. Професор Роберт Сатон, чија нова книга „Добар шеф, лош шеф“ тврди дека добрите шефови се од суштинско значење за успех на работното место, изјавува дека високите трошоци за здравствена заштита треба да ги мотивираат компаниите да се насочат на начините како да се намали стресот.
„Кој е најголемиот извор на стрес на работното место? Тоа е вашиот директен претпоставен. Голем број докази покажуваат дека доколку сакате да бидете ефективна организација или ефективен шеф треба да постигнете рамнотежа меѓу човечноста и успехот“, додава тој.
(Интернешенел хералд трибјун)
Ако сакате да бидете ефективна организација или ефективен шеф, треба да постигнете рамнотежа меѓу човечноста и успехот Роберт Сатон
автор на „Добар шеф, лош шеф“
|