Преку Ниш и Белград до Лондон
Машката ракометна репрезентација на Македонија би можела да игра во квалификациите за Олимписките игри во Лондон ако во најдобар случај заврши на деветтото или на десеттото место на Европското првенство што ќе се одржи од 14 до 29 јануари 2012 година во Србија. Услов за тоа е да биде најмалку трета во групата Б во Ниш во конкуренција на Германија, на Шведска и на Чешка, а потоа да се најде пред барем една селекција во групата од втората фаза во Белград. Ако стигнат до таму, избраниците на селекторот Звонко Шундовски би играле со трите најдобри состави од групата А, во која се Полска, Данска, Србија и Словачка.
Теоретски, за учество во квалификациите за ОИ би можело да биде доволно само едно реми во групата од првиот круг, како што Црна Гора како дебитант на ЕП 2008 во Норвешка се п��оби во втората фаза, а таму да се има подобар скор од директниот конкурент за петтото место. Германија, на пример, на последното ЕП во Австрија беше десетта со два бода во вториот круг, од кои еден пренесен од првиот!
Ова е идеалната маршрута до олимпиското сито да се стигне со минимум напор. За најдобрите македонски ракометари да го почувствуваат искуството на ватерполистите, кои единствени досега имаат настап во квалификациите за ОИ, сепак, треба да се исполнат и одредени услови што не зависат (само) од Македонија. Во прв ред, станува збор за пласманот на конкурентите.
Франција како светски шампион веќе е учесник на Олимпијадата, а ако триумфира и на ЕП, тогаш и финалистот директно ќе оди во Лондон. Во олимписките квалификации што ќе се одржат од 5 до 7 април 2012 година место имаат обезбедено Данска, Шпанија и Шведска како домаќини на трите групи. Нив друштво ќе им прават Хрватска, Исланд и Унгарија, а Европа има право на уште две места во квалификациите за ОИ. Тие се наменети за два учесника на ЕП во Србија без ни директен пласман на Олимпијадата ни во квалификациите.
Покрај за ОИ, пласманот на ЕП решава и за СП 2013 во Шпанија. Со директно учество на следниот мундијал ќе бидат наградени трите освојувачи на медали во Србија.
Првпат во историјата на еврошампионатите најдобриот во Србија нема директно да се пласира на ЕП 2014, туку ќе игра во квалификациите. Автоматски ќе учествува само домаќинот Данска. (Р.Д.) |