Бостон шампион, Ванкувер во хаос
По поразот во финалето на Стенли купот, навивачите на Канукси дивееја низ градските улици
Бесни и пијани навивачи на хокеарите на Ванкувер предизвикаа нереди низ улиците на градот по поразот во финалето на Стенли купот од Бостон со 4:0 (вкупно 4:3).
Превртени и запалени автомобили, скршени излози на продавниците, со пиво залиени големите ТВ-екрани само се дел тажната сцена што можеше да се види во Ванкувер непосредно откако Ванкувер пропушти да го освои премиерниот Стенли Куп во историјата.
„Ова е ужасно. Овој град и провинцијата имаат многу причини за гордост. Штета е што се случи ова“, коментираше еден од најдобрите хокеари на Ванкувер, Хенрик Седин.
НБА-кошаркарот Стив Неш апелираше преку „Твитер“ навивачите да го запрат насилството.
„Имаме сјаен град и многу стил. Нашиот тим е голем и нашето време и насловот ќе дојадат. Наскоро“.
Сепак, неговата порака не наиде на плодна почва, па се повтори сличното сценарио од 1994 година кога Ванкувер во финалето загуби од Њујорк ренџерс, исто така, со 4:3 во финалната серија. Засега нема точни податоци за бројот на повредените и уапсени лица.
Од друга страна, Бостон го слави својот шести наслов во НХЛ-лигата, прв по 1972 година.
Како и низ целата серија, и во оваа мајсторка фантастичен беше 37-годишниот голман Тим Томас, кој постави невидлив ѕид пред својот гол. Одбрани 37 удари, по вторпат ја зачува мрежата недопрена во финалето и на тој начин му овозможи на својот тим да стигне до големиот триумф.
Томас сега е горд сопственик на новиот НХЛ-рекорд според бројот на одбраните во доигрувањето (798), како и во финалето на Стенли купот. Во финалната серија во седум меча против најдобрата напаѓачка екипа на лигата прими само осум гола (одбрани 238 од 246 удари), со што стана прв голман во историјата на НХЛ со недопрена мрежа во седум средби на гостински терен. Исто така, тој е четврти голман вкупно во историјата на финалињата со остварен „шутаут“ во седмиот меч.
Со оваа победа Бостон стана прв тим во историјата на НХЛ-лигата кој во доигрувањето во иста сезона три пати славеше во седум средби. Тоа му успеа во првото коло против Монтреал, во финалето на Источната конференција против Тампа Беј и во финалето против Ванкувер.
Ветеранот на голот на Бостон, Тим Томас, е добитник на наградата „Кони Смит“, која се доделува на најкорисниот играч во доигрувањето.
„Ова за мене е голема чест. Освојувањето на Стенли купот е најголема работа, тоа што сите го сакаат, но освојувањето на ’Кони Смит‘ е исклучителна чест“, изјави Томас. |