Се смрзнуваат на минус 150 степени за подобра форма
Членовите на професионалниот велосипедски тим ФДЈ минуваат по три минути на екстремно ниски температури за што подобра подготовка за напорните етапи на легендарниот Тур де Франс.
Тие веќе еден месец експериментираат со криотерапија во која велосипедистите во долна облека и влечки минуваат во комори наполнети со течен нитроген, кој ја спушта температурата до минус 150 Целзиусови степени.
„Студенилото побрзо го заздравува организмот и го смалува воспалението на мускулите, но не влијае на достигнувањата на спортистите. Овој метод пред 30 години го измислија источните земји и го користеа на одделението за ревматологија и трауматологија за време на заздравувањето од несреќи и автомобилски судири“, рече лекарот на ФДЈ тимот, Жерар Гијом, додавајќи дека криотерапијата не може да ги подобри резултатите, туку да го релаксира телото од заморот.
Тој додаде дека членовите на неговиот тим се задоволни со експериментот со ниските температури, кој покрај релаксација, носи и поубав сон.
„Во почетокот боли, особено во пределот на нозете и чувството е исто како да имате санта мраз на стапалото, што и не е така пријатно, но брзо се привикнуваш“, изјави лидерот на тимот Санди Касар. |