04.10.2011, 18:31 Вељаноски чека датум
Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, очекува позитивен извештај од Европската комисија и добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ до крајот на годинава.
„Трета година по ред добиваме позитивни оценки за напредокот на Македонија и јас би сакал, очекувам и сум уверен дека ќе добиеме позитивен извештај. Би требало да добиеме и датум за преговори и моја оптимистичка прогноза е дека тоа би требало да се случи до крајот на годинава. Грција може повторно да го искористи правото на вето, но м��слам дека целиот процес на преговори околу овој спор ќе биде во порелаксирана атмосфера ако добиеме датум за преговори“, оценува Вељаноски. Тој е убеден и во позитивна оценка за работата на Собранието. „Оваа година имавме турбулентни случувања, но Собранието, сепак, покажа дека има капацитет да се справи со сите ситуации. Затоа очекувам дека работата на парламентот ќе добие највисока оценка“, истакнува тој. Извештајот на ЕК ќе биде ставен на собраниска седница на 17 овој месец, откако претходно на 12 октомври ќе биде објавен во Брисел. (Св.У.) |