04.10.2011, 18:30 Пописот веќе под сомнеж
Во Тетовско и во Струшко се попишувале лица што живеат надвор од државава подолго од една година, а се прифаќале и фотокопии од лични документи
Само 60 проценти од пописните тимови се формирани и се на терен, во Тетовско и во Струшко се одвива невалиден попис и се' уште не е познато дали целата операција ќе заврши во законски предвидениот рок до 15 октомври. Ова се само дел од проблемите на кои се наидува вaeќе четврти ден од почетокот на пописот.
Државната пописна комисија, вчера, доцна попладнето, требаше да ја продолжи седницата, на која веќе два дена се расправа за тоа како ќе се одвива натаму пописот. Според Кирил Барбареев, портпарол на ДПК, најголеми проблеми досега се појавиле во тетовскиот и во струшкиот регион, каде што биле попишувани иселеници што живеат надвор од државава подолго од една година, а при внесувањето на податоците се прифаќале и фотокопии од документи. Ова е спротивно на Законот за попис, но поради различните ставови на сега веќе поранешните први луѓе на Комисијата, Весна Јаневска и Абдулменаф Беџети, се појавија големи недоразбирања и нејаснотии пред самиот почеток на пописот. Според ДПК, информациите од теренот говорат оти реонските инструктори од тетовскиот и од струшкиот регион директно им сугерирале на пописните тимови да ги попишуваат и граѓаните што живеат надвор од државата повеќе од 12 месеци како и да прифаќаат и фотокопии. Поради тоа, во Комисијата преовладувало мислењето дека сите инструктори и попишувачи треба да бидат отстранети од натамошниот процес на собирање на податоците на граѓаните, но останува непознато дали досегашните податоци ќе бидат невалидни, односно дали во овие реони повторно ќе се попишуваат граѓаните.
Ваквите проблеми сериозно го загрозуваат и рокот за изведување на пописот и засега малку е веројатно е дека тој ќе биде завршен до 15 октомври. Претставниците од албанската етничка заедница во ДПК уште на првиот ден од пописот побарале пролонгирање на рокот за завршување со попишувањето. Новоименуваниот член на ДПК, Артан Груби, од името на другите членови Албанци побарал да се донесе заклучок за продолжување на рокот, но, сепак, во комисијата преовладал ставот дека најнапред треба да се види што ќе се случува на терен, па потоа да се донесе таква одлука. (Св.У.) |