За Челзи дербито на Лондон нова шлаканица за Ливерпул
Во 7. коло „сините“ славеа со 2:0 против Арсенал, а Ливерпул загуби дома од Блекпул со 2:1
Фудбалерите на Челзи на „Стемфорд бриџ“ против Арсенал имаа задача да докажат дека поразот од Сити беше само лош ден и да ја продолжат традицијата на успеси против еден од омилените ривали во Премиерлигата.
На другата страна, Арсенал повторно полагаше испит на зрелост, а иако беше многу блиску до преодна оценка и одигра еден од најзрелите мечеви против лутиот ривал, не ги искористи бројните прилики кои ги создаваше во моментите кога ја контролираше играта. Тимот на Венгер одигра добро, невообичаено цврсто и не му дозволи на традиционално организираниот Челзи, во свој стил физички да доминира. Сепак, за Дидие Дрогба немаа решение.
Напаѓачот на Челзи потврди дека лондонското дерби му е еден од омилените дуели, па и во овој беше немилосрден кон, според него омилените „топчии“. Дрогба го постигна 13. погодок во својот 13. дуел со Арсенал во 39. минута, и тоа со микс на магија и импровизација - со петица по центаршутот на Ешли Кол.
Арсенал продолжи да ја бара својата офанзивна игра, Аршавин и Шамак имаа неколку шанси, но немаше доволно простор за подобар резултат. Конечниот резултат го постави Алекс во 85. минута со гол од слободен удар. Топката се заби во горниот лев агол на Фабијански, а вистинско чудо е како мрежата остана цела по таквото торпедо.
Како што триумфот на Челзи во дербито во Лондон не е ништо ново, не изненадува ниту најновото паѓање на Ливерпул пред разочараниот Коп.
„Црвените“ на „Енфилд“ го дочекаа новакот во елитата Блекпул, веројатно как�� една од ретките екипи против која може да се надеваат на бодови. Сепак, гостите се погрижија да го остават Ливерпул во црвената зона - 2:1.
Непосредно пред овие дуели Манчестер сити се доближи до врвот на табелата со победата над Њукасл со 2:1. „Граѓаните“ поведоа во 19. минута преку Карлос Тевез, кој изнуди и искористи пенал, но гостите само пет минути подоцна израмнија со голот Гутјерез, во прилично возбудливо полувреме во кое поради повреди надвор од теренот мораа да заминат Хатем Бен Арфа и Колочини.
Многу полошо мина Французинот кој од игра со скршеница на ногата го исфрли новиот брутален старт на Најџел де Јонг, кој веќе го заработи непријатниот прекар „убиец“ на терените. Лошата вест за повредата на Бен Арфа ја потврди резервистот на Сити Адам Џонсон по само 180 секунди минати на теренот за конечни 2:1 во 75. минута.
Премиер 7. коло:
Манчестер С. - Њукасл 2:1, Ливерпул - Блекпул 1:2, Челзи - Арсенал 2:0.
Сабота: Виган - Вулверхемптон 2:0, Бирмингем - Евертон 0:2, Стоук - Блекбурн 1:0, Тотенхем - Астон Вила 2:1, ВБА - Болтон 1:1, Вест Хем - Фулам 1:1, Сандерленд - Манчестер Ј. 0:0.
Табела: Челзи 18, Манчестер С. 14, Манчестер Ј. 13, Арсенал 11, Тотенхем 11, ВБА 11... |