Мурињо: Не сме најдобри на светот
Реал Мадрид, конечно, заигра на ниво на своето реноме и ѕвездите во клубот растурајќи го Депортиво со 6:1 во Примера.
Меѓутоа, ниту таа убедлива победа, како ни ремито на Барселона против Мајорка на свој терен, не донесоа мирен сон за тренерот на мадриѓаните Жозе Мурињо.
„Ние не сме најдобриот тим на светот само поради тоа што ја победивме Ла Коруња со 6:1. Се' уште сме во фаза на доградба, што се вели. Затоа ниту аплаузите на навивачите ниту, пак, добрите резултати нема да ме прелажат околу завршување на работата што продолжува. Многу сум мирен, но има уште многу да работиме. Ја имаме поддршката на претседателот и на управата за тоа“, изјави Мурињо.
Барселона на „Ноу камп“ ја дочека Мајорка, тимот кој оваа сезона не освои ниту еден бод на гостувањата. Фактот што во тимот се врати Меси беше аргумент повеќе за Каталонците дека ги очекува лесно продолжување на трката со Валенсија и Вилјареал за врвот на Примера. Барса доминираше цело време, а во првите 15 минути имаше посед на топка од неверојатни 90 отсто, а „Златната копачка“ Меси во 21. минута ја најави сигурната победа. Сепак, Нсуе потполно неочекувано израмни во финишот на полувремето. Тие 1:1 се покажаа и како конечни, иако во второто полувреме и едните и другите имаа шанси за гол.
Примера, 6. коло
Алмерија - Малага 1:1, Осасуна - Леванте 1:1, Севилја - Атлетико М. 3:1, Вилјареал - Расинг 2:0, Барселона - Мајорка 1:1, Реал - Депортиво 6:1. Сабота: Сарагоса - Хихон 2:2, Сосиедад - Еспањол 1:0, Валенсија - Атлетик Билбао 2:1.
Табела: Валенсија 16, Вилјареал 15, Реал 14, Барселона 13, Севилја 11, Хетафе 10, Атлетик Б. 10... |