Слабата администрација ги крахира тендерите
Од Европската комисија укажаа, а потврди и министерот Бесими, дека сме без капацитет за главните енергетски проекти
Маја Томиќ
Додека Владата упорно одбива да каже зошто пропаѓаат тендерите во енергетиката, министерот за економија, Фатмир Бесими, по втор пат укажа дека клучните грешки во спроведувањето на тендерите лежат во слабиот капацитет на нашата администрација. Сепак, според него, утешително е што Македонија не била единствена з��мја од регионот што се соочувала со вакви проблеми.
„Ниту една земја во регионот нема администрација што може да спроведе таков тендер во енергетиката. Работата околу распишувањето меѓународни тендери бара одредени специфичности и експертиза и поради тоа Владата одлучи да ја вклучи Меѓународната финансиска корпорација ИФЦ во реализацијата на енергетските проекти“, изјави Бесими, коментирајќи ги забелешките од Европската комисија во последниот извештај дека Министерството за економија нема доволен капацитет за успешно организирање тендери за големи проекти од областа на енергетиката. Останува неизвесно дали Владата ќе реши да почне нешто да менува кај администрацијата за да ја направи постручна во подготовката на тендерите.
Бесими и претходно укажа на тоа, кога пред околу една година, одговарајќи на прашањето зошто пропаѓаат тендерите во енергетиката, конкретно за ХЕЦ „Чебрен“ и „Галиште“, посочи дека токму тие се примерите што потврдуваат оти нашата администрација не е обучена и стручна за да ги заврши ваквите проекти, поради што се ангажирала ИФЦ, која е дел од Светска банка.
„Таа ќе го подготви проектот што ќе биде атрактивен и рентабилен. Со тоа испраќаме порака до инвеститорите дека сме сериозни и сакаме да го реализираме овој тендер“, рече лани Бесими, непосредно пред Владата да и' исплати на ИФЦ 100 илјади евра за подготовка на нов тендер за двете централи.
Сепак, очигледно и странските консултанти не се покажаа од помош. Иако ИФЦ, според Владата, требаше да гарантира успех, пропадна и последниот тендер, односно за „Чебрен“ и „Галиште“ не стаса ниту една понуда од трите компаниите што беа во игра РВЕ, „Енел“ и „Вербунт“.
Од најсериозниот кандидат, германската РВЕ, деновиве испратија соопштение до македонските медиуми дека се повлекуваат, иако пред пет години кажаа дека се подготвени да вложат 700 милиони евра. Како причина ги наведоа новите финансиски оптоварувања од данокот за нуклеарно гориво и трошоците за специјалниот фонд за обновлива енергија. Поради тоа, фондот за инвестиции во 2011 година им бил намален.
Така, со тоа што во изминатите четири години Владата го поништуваше и повторно го распишуваше тендерот за „Чебрен“ и „Галиште“ и често ги менуваше условите и роковите, повторно ја пропушти шансата за влез на најголемата инвестиција во земјава. Сега се најавува дека ќе има нов тендер за овие централи, со поинакви услови од досегашните.
Инаку, за досегашните неуспешни тендери неофицијално како причини се посочуваа непрецизните податоци во документацијата за протокот и количеството вода низ браната, како и економската неисплатливост на браните, за кои самите инвеститори уште пред две години приговараа дека се несоодветно високи и оти треба да се намалат нивните димензии. |