Бомбашки напад во центарот на Истанбул
Во самоубиствениот напад на „Таксим“, кој ја имал цел полицијата, нема загинати, а повредени се 22
ИСТАНБУЛ - Бомбаш-самоубиец повреди 22 лица во центарот на Истанбул во вчерашниот напад, кој за своја цел ја имаше полицијата. „Тоа беше самоубиствен напад и изгледа бомбашот се кренал во воздух. Изгледа дека станува збор за маж“, изјави началникот на полицијата во Истанбул, Хусеин Чапкин, пред новинарите. Дванаесет цивили и десет полицајци се повредени во нападот што се случи на плоштадот „Таксим“ во Истанбул, изјави локалниот гувернер Хусеин Авни Мутлу пред новинарите. Ниту една организација досега не ја презеде одговорноста за нападот.
Таксист за информативниот ТВ-канал Си-Ен-Ен Турк изјави дека забележал 33-годишен маж како им се приближува на полицајците за да праша за насока, и во тој момент бомбата била активирана. Друг очевидец јави дека две лица им пришле на полицајците. Си-Ен-Ен Турк соопшти дека втора бомба била пронајдена близу мртвиот бомбаш, но државната новинска агенција Анадолија соопшти дека делови од бомба се пронајдени и не е јасно дали се делови од експлодираната бомба или, пак, од втора експлозивна направа.
Чапкин изјави дека двајца од повредените се во сериозна состојба, но нема загинати. Бомбашот изгледа бил маж и експлозијата се случила во близина на полициско возило, рече тој. И единицата за деактивирање на експлозивни направи, исто така, беше на местото на злосторството, а од ТВ-снимките се забележува како безбедносните сили ги насочуваат службите за итна помош кон плоштадот, кој беше блокиран по експлозијата. Во последниве неколку недели турската полиција изврши неколку апсења на лица осомничени за обезбедување поддршка за милитанти на Ал Каеда, кои се борат во Авганистан.
Плоштадот „Таксим“ е главна туристичка атракција и транспортен центар опкружен со ресторани, продавници и хотели и е во центарот на модерен Истанбул. Во него се наоѓа и Споменикот на Републиката, кој беше изграден во 1928 година во знак на сеќавање на создавањето на Турската Република. Истанбул е бизнис и финансиски центар на Турција, претежно муслиманска држава со 75 милиони жители, која се надева дека ќе стане членка на ЕУ.
Истанбул и порано бил цел на напади од страна на бунтовниците од Курдистанската работничка партија, меѓутоа сепаратистичката група во септември месец го продолжи унилатералниот прекин на оганот. Други групи, вклучувајќи ја Ал Каеда, исто така, изведуваа напади во овој град. Бомбаши-самоубијци од редовите на Ал Каеда ги изведоа серијата бомбашки напади во Истанбул во ноември 2003 година кога загинаа 57 лица, а стотици други беа повредени. (Ројтерс) |