Се породи десетгодишно девојче во Шпанија
МАДРИД - Во јужниот дел на Шпанија се породи десетгодишно девојче, а властите проценуваат дали да им дозволат на неа и на нејзиното семејство да го задржат старателството врз бебето, изјави во вторникот официјален претставник на властите.
„Бебето беше родено минатата недела во градот Херез де ла Фронтера“, изјави Микаела Наваро, министерка за социјални работи на регионот Андалузија. Наваро пред новинарите изјави дека и таткото на бебето е малолетник, а мајката и бебето се во добра здравствена состојба. Министерството одби да открие други детали, вклучувајќи го и полот на бебето, но наведе дека властите не го сметаат ова како случај на силување и оти не се води кривична истрага. Неофицијално се дознава дека бебето е девојче.
Според шпанскиот закон, ако се има доброволен сексуален однос со лице помало од 13 години, тоа се смета за злоупотреба на дете, изјави официјален претставник на шпанското Министерство за правда во Мадрид. Но, овој случај е комплициран поради фактот дека и таткото на бебето, исто така, е малолетник и не е јасно дали тој може да биде обвинет, изјави официјалното лице.
Шпанските весници открија дека мајката по потекло е од Романија, додека англискиот печат пишува дека станува збор за Ромка, која се породила по природен пат, а на своето бебе му го дала името Николета. Весникот „Дијарио де Херез“ објави дека девојчето веќе било бремено кога пристигнало во Шпанија, но не откри кога влегло во земјата. Не е познато дали таткото се наоѓа во Шпанија. Медицински експерти предупредуваат дека поради фактот што девојчињата се' уште растат е зголемен ризикот за време на бременоста. Истражувањата откриваат дека е поголема веројатноста тинејџерките предвреме да се породат и нивните бебиња имаат поголеми шанси да починат до наполнување една година. (АП)
Состојба
Мајката по потекло е Ромка од Романија. И таа и бебето, кое е родено по природен пат, се во добра здравствена состојба |