Наука
Постојат милијарди планети со иста маса како Земјата?
Според планетарниот попис, околу една петтина од нив имаат течна вода
Можеби постои планета што личи на Земјата, која кружи околу секоја четврта ѕвезда на ноќното небо, покажува првиот попис на вонземјени светови во нашето небесно соседство. Испитувањето е мерило за научниците што бараат живот и на други места и сметаат дека во нашата галаксија, Млечниот Пат, можеби има 50 милијарди планети со слична маса на Земјата.
Се очекува околу една петтина од тие далечни Земји да се наоѓаат во зона погодна за живеење од нивниот Сончев систем, каде што растојанието од матичната ѕвезда ја одржува површината на планетата на вистинската температура за да се формира течна вода. Присуството на истечна вода на една планета општо се смета како предуслов за појавување на живот и ги поткрепува потрагите по вонземјани од НАСА и од други вселенски агенции.
Астрономите го употребија моќниот телескоп „Кек“ на хавајскиот остров Мауна Кеа за да ги пребројат планетите додека тие се движат околу 166 наши најблиски ѕвезди што личат на Сонцето. Планетите беа премногу далечни да се видат директно, но нивните ѕвезди беа забележани како незначително се нишаат додека минуваат покрај нив. Со таа техника можат да се забележат само планети кои орбитираат блиску до нивните ѕвезди, и се значително потешки отколку Земјата.
Астрономите открија вкупно 33 планети кои орбитираат околу 22 ѕвезди, а распределбата на планетите покажува дека колку што е помала нивната маса тие стануваат побројни. Со екстраполација на податоците од пописот на планети, тимот ги разработи можностите околу една ѕвезда да орбитираат планети помали од оние што можеа да ги откријат. Тие проценуваат дека 23 отсто од ѕвездите што личат на Сонцето се опкружени од планета која наликува на Земјата, околу 12 отсто орбитираат потешки „супер Земји“, а околу 1,6 отсто се опкружени со планети слични на гасниот гигант Јупитер.
„Првпат направивме попис на планетите меѓу ѕвездите што личат на Сонцето, во нашето галактичко соседство. И сега знаеме која фракција на ѕвезди што личат на Сонцето има планети со различна големина“, вели Џефри Марси, астроном од калифорнискиот универзитет Беркли. „Тоа значи дека ноќе можеме да погледнеме во ѕвездите и да знаеме дека околу една четвртина имаат планета со големина речиси колку Земјата“, додава тој. Податоците се објавени во списанието „Сајенс“.
Резултатите се контрадикторни со моделите на истражувачите како планетите паѓаат по орбита околу нивните ѕвезди. Се сметаше дека откако планетите биле создадени од вселенски прав и отпадоци, тие спирално се движеле кон нивната матична ѕвезда, но оставале празни простори во близина, вели Ендру Хауард, кој ја предводеше студијата. „Најдовме многу мали планети, многу блиску до нивните ѕвезди, каде што според моделите не треба да има ништо. Тоа значи дека нашиот популарен модел за формирање на планетите има проблеми“, додава тој.
Ќе помине време додека научниците бидат сигурни дека во нашето вселенско соседство навистина има планети како Земјата. Тимот од Беркли откри планети само според нивната маса, но не знае ништо за нивната големина. Поради тоа е невозможно да се одговори на клучни прашања, како на пример дали планетите се влажни и карпести како и Земјата, или се негостољубиви топки со гасови или огромни водени светови. Се очекува објаснувањето да го даде вселенскиот телескоп Кеплер на НАСА, кој е во потрага по планети со големина на Земјата околу повеќе од 156.000 ѕвезди. Во јуни научниците што работат со Кеплер пријавија дека забележале 706 можни вонземјени светови додека минувале преку предната страна на нивните матични ѕвезди. Врз основа на пописот, Хауард и Марси се уверени дека Кеплер ќе најде меѓу 120 и 260 „веродостојни земјени светови“. (Гардијан)
Ноќе можеме да погледнеме во ѕвездите и да знаеме дека околу една четвртина имаат планета со големина речиси колку Земјата Џефри Марси астроном
ДИЛЕМИ
Тимот од Беркли откри планети само според нивната маса, но не знае ништо за нивната големина. Поради тоа, невозможно e да се одговори на клучни прашања, како што се, на пример, дали планетите се влажни и карпести како и Земјата или се негостољубиви топки со гасови или со огромни водени светови
|