Марија Сазедева
Освежување и потсетување на љубовта
Го сака летото поради фактот што тогаш може да им се посвети на луѓето што безрезервно ги сака цела година
Валентина Тодоровска
Марија Саздева го сака летото, долгите денови, одморски сонувања, копнежливи патувања и убавите враќања дома. И затоа не е важно дали температурите го поминуваат 35. степен, дали нештата на асфалтот го попримаат сафарскиот замаглен изглед. Марија со најискрената насмевка ќе ве увери дека топлината ја разбира како своја природна состојба. Можеби затоа во нејзината листа на работи без кои не може од јуни до август, нема ништо за разладување (јас и моето тело обожаваме кога е топло), сладоледи, летни фустани и очила. Образложувањето е апсолутно романтично - очилата, на пример, ги доживува како пречка во комуникацијата со сонцето... Еве што вели натаму, без што не може ова, ниту кое било друго лето.
Моите двајца мажи
Откога постојат во мојот живот, ништо не можам да замислам без нив, сеедно дали е пролет или есен... Летото се истакнува по вонредна можност што можеме да поминеме неколку денови заедно, сами, ние тројцата. Да ја освежиме нашата љубов и безрезервната поддршка, да се потсетиме колку си значиме едни на други за да во текот на работниот дел од годината, никој и ништо да не успее да ни го помати чувството. А сеќавањата остануваат силни и се складираат во најголемото шкафче во срцето.
Море
Солена, брановидна авантура, која максимално ме забавува, ме олабавува, ме ревитализира. Жива сум, романтична, будалеста, и жена и дете... Го сакам морето, а и тоа мене. Јадранско, Црно, Егејско, Средоземно... Истражувањето и уживањето продолжуваат и преубаво е чувството што знае да го даде морето - спокој, широчина и големата мудрост за (не)минливоста на нештата.
Игри во вода
Во раните утрински часови додека другите спијат - само јас и морето е мојата омилена игра. Сеедно дали сум практична па правам вежби за да се уверам во пријатноста на солената вода или станува збор за обична медитација... А штом ќе се разбуди друштвото, игрите (со и без реквизити) се претвораат во колективно уживање.
Средства за сончање со висок заштитен фактор
Без нив моето лето би било огнено доживување. Со нив и по одмор останувам бела (се смее). Мојата осетлива, проѕирна, бела кожа си бара бебешки третман, креми со висок заштитен фактор зошто во спротивно би се претворила во рак на ражен. На својата кожа и' го дозволувам разгалувањето во лето.
Книги
Жешките попладневни и доцните вечерни часови се резервирани за книги. Додека другите спијат, јас читам. Многу книги. Една по друга, читам брзо, ги доживувам интензивно... Уживам.
„Храна на љубовта“ – Ентони Капела, „Изгубената роза“ и „Кога ќе засвети животот“ - Сердар Оскан, „Еднаш во животот“ - Кети Кели, „Анастасија“-Владимир Мегре, „Знам што мислиш“- Лилијан Глас, се дел од литературата по која ќе го паметам ова лето 2010.
Музика
Важно ми е да е автентичната, врзана за поднебјето каде што престојувам. Музиката ми помага да ги запознаам жителите, нивните приказни, желби, стремежи и целосно да ја доживеам нивната храна, пијалаци, ритуали... Во тие две недели да станам дел од нив, да живеам во нивниот ритам.
Струмица
Ја сакам Струмица само за себе, на 2-3 дена, без работни обврски, без телефони и компјутери... Да и' се предадам и да ја љубам само мајка ми и да почувствувам дали навистина добро се чувствува - онака како што секојдневно ме известува преку телефон. Да зборуваме, да си раскажуваме а потоа да молчиме и да се разбереме. Да сум повторно дете и да знам дека за неа секогаш ќе останам малечка.
Скопје
Мојот дом, мојот живот. Потивок, порелаксиран - како и сите ние во летото.
Го сакам Скопје во илјада варијанти и во сите можни облеки. Ама има нешто посебно во градот кога е полупразен, како да постои само за тебе. Ги гледаш новите згради што дотогаш не си ги забележал, сите цвеќиња раскошно распослани по тераси и прозорци и секогаш одново заклучуваш дека ова наше Скопје има некоја убавина што плени - најмногу во летото.
Работа
По секој одмор, дополнително сфаќам колку ја сакам својата работа. Колку ме прави цела, колку ги сакам средбите со луѓето, адреналинот пред да се вклучат камерите. Се враќам да и' изјавам љубов и посветеност.
Вода
И однатре и однадвор. Пиење, миење, наводенување... Извор на животот. Вода за почист поглед, за поубав сон. Вода за освежување, вода за преживување. База и надградба. Вода за да се биде поубаво. |