Поглед
Промоторите не остваруваат
Соња Маџовска
Промоторите постојано се множат. Иако и од оние што ги имавме досега не видовме големо фајде, бидејќи не донесоа ниту една инвестиција. На местото на росните ливади, односно слободните економски зони, наместо фабрики - се' уште шетаат шарени крави.
За разлика од промоторите, бројот на шарените крави што пасат е речиси ист, односно и се намалува, бидејќи таму нема веќе толку трева, туку повеќе асфалт, ама не ни фабрики. Таа слика воопшто не е промената неколку години. Во двете зони „Бунарџик“ работат само две фабрики „Џонсон контролс“ и „Џонсон Мети“, но нив и не ги донесоа промоторите.
И покрај немањето ефекти, Агенцијата за странски инвестиции, односно Владата, упорно опстојува на концептот дека економските аташеа кои шетаат по светот еден ден ќе ги наполнат зоните, и тоа 100 отсто. Уште осум промотори, за кои деновиве беше објавен оглас, ќе им се придружат на постојните 23, кои по белиот свет ќе ловат инвеститори. И добрата плата на промоторите од 2.000 евра, која ја добиваат автоматски со дипломатскиот статус, и платеното сместување и автомобилот на располагање, што е одличен старт за најголем број од нив како нивно прво вработување. Ништо од тоа не помогна тие да бидат поамбициозни во убедувањето на странците да ги вложат своите пари токму во земјава, а не кај соседите.
Додека во земјава во првите пет месеци од годинава странските инвестиции не можат да се искачат ни до 100 милиони евра, во Србија таа бројка, и тоа само во првиот квартал, изнесува 386 милиони евра, во Хрватска 434 милиони евра, а во Црна Гора 164 милиони евра.
Не смееме ниту да помислиме да се споредуваме со Турција. Таму во првото полугодие од годинава влегле 3,2 милијарди долари инвестиции. |