Литванците бришат се' пред себе
По Шпанија, Литванија ја декласира и Франција со 69:55 и си го обезбеди првото место во групата Д на СП во кошарка
Со победата над Франција кошаркарите на Литванија го освоија првото место во групата Д во Измир и може слободно сега да се завртат кон осминафиналето. Иако, е среќен поради победата селекторот Кестутис Кемзура смета дека нема место за опуштање и дека се' уште ништо немаат направено.
По големата победа над Шпанија, Литванците минаа лесно со Франција (69:55), и покрај тоа што по првата четвртина имаа минус од 13 коша (24:11). Цврстата одбрана во продолжението беше причината што во останатите три четвртини примија само 31 кош, а забија 58 за потврда на првото место.
„Мечот со Шпанија ден порано беше емотивен и се плашев дека тоа ќе влијае на дуелот со Франција. Иако, им недостасуваат неколку ѕвезди, сепак, се бореа. Имавме многу проблеми во првите 10 минути, ама успеавме да се вратиме. Оваа победа е голем чекор за нас, но она вистинското допрва почнува“, потенцира Кемзура и апсолутно е во право. Првото место во групата не значи ништо, ако не продолжите со победи во нокаут-фазата.
Иако на тој пат му изедоа уште малку нерви на својот селектор Бечировиќ, словенечките кошаркари го остварија она што го планираа во првиот круг на СП во Турција. Со оглед на тоа што се во група со САД, да се победи во трката за второ место не е лошо, а Словенците токму тоа го осигураа со триумфот над Бразил од 80:77.
„Ние секогаш играме возбудливи натпревари, а јас баш би сакал во последните пет минути да имам мир, да се напијам вода и да го одгледам спокојно мечот до крајот. За жал, тоа не е така“, вели селекторот на Словенија Бечировиќ, алудирајќи на тешкотиите што ги имаше Словенија во последната четвртина откако третата ја заврши со 16 коша преедност.
Словенечкиот капитен Јака Лаковиќ беше главниот јунак на победата. Забележа 20 коша со неколку важни тројки. „Би го истакнал нашиот колектив, не се распаднавме, ја задржавме главата сите и го издржавме психолошкиот притисок кој нас во словенечката кошарка постојано не' следи“, вели Лаковиќ.
Андерсон Варежао, повратникот по повредата не им помогна многу на Бразилците. Забележа само четири коша и исто толку скокови. „Се вративме по 17 коша минус, ама до победата не дојдовме. Утре е нов ден, мора да заборавиме на поразот, токму како во НБА-лигата“.
Инаку, најголемото изненадување завчера го приреди Ангола која во продолженијата ја совлада Германија, елиминирајќи ја од борбата за осминафиналето.
Група А: Србија - Австралија 94:79, Германија - Ангола 88:92 по продолженијата, Аргентина - Јордан 88:79
Табела
1. Аргентина 4 4 0 +36 8
2. Србија 4 3 1 +107 7
3. Австралија 4 2 2 +19 6
4. Ангола 4 2 2 -53 6
5. Германија 4 1 3 -42 5
6. Јордан 4 0 4 -67 4
Група Б: Хрватска - Тунис 84:64, Иран - САД 51:88, Бразил - Словенија 77:80
Табела
1. САД 4 4 0 +89 8
2. Словенија 4 3 1 +12 7
3. Бразил 4 2 2 +26 6
4. Хрватска 4 2 2 +6 5
5. Иран 4 1 3 -61 5
6. Тунис 4 0 4 -72 4
Група Ц: Кина - Русија 80:89, Брегот Слонова Коска - Грција 60:97, Турција - Порторико 79:77
Табела
1. Турција 4 4 0 +61 8
2. Грција 4 3 1 +37 7
3. Русија 4 3 1 +15 7
4. Порторико 4 1 3 -6 5
5. Кина 4 1 3 -15 5
6. Брег Слонова Коска 4 0 4 -92 4
Група Д: Канада - Нов Зеланд 61:71, Либан - Шпанија 57:91, Литванија - Франција 69:55
Табела
1. Литванија 4 4 0 +32 8
2. Франција 4 3 1 +24 7
3. Шпанија 4 2 2 +42 6
4. Нов Зеланд 4 2 2 +12 6
5. Либан 4 1 3 -83 5
6. Канада 4 0 4 -27 4 |