Азаренка колабираше среде меч
Викторија Азаренка губеше со 5:1 против убавата Аргентинка Жизела Дулко во првиот сет. Ништо не и' одеше од рака, а откако во еден поен со поглед го испрати топчето, се затетерави, клекна, а потоа падна во несвест. Мечот на Белорусинката, 10. носителка на УС-опен и Аргентинката почна во 11 часот, среде најголемата жештина и најсилното сонце. На теренот веднаш дотрчаа лекарите, а по неколку минути укажување помош, ја седнаа во количка и со мраз околу вратот ја одведоа во соблекувалната. Изгледаше прилично слабо и бледо, а лекарот и' го мереше пулсот.
За време на мечот не покажуваше знаци на слабост, а бараше помош од физиотерапевт, но поради проблемите со раката. Последниот Гренд-слем на Азаренка нема да и' остане во убави сеќавања, но најбитно е што здравствените прегледи потврдија дека се' е в ред и дека ова беше само моментална слабост.
„Температурата беше 32 степена, стануваше се' полошо на теренот. Имав силна главоболка, а матењето во главата беше неподносливо“, изјави Азаренка откако малку се прибра. |