Управата за извршување санкции при Министерството за правда информира дека во скопскиот Ургентен центар завчера починало осудено лице. Станува збор за Љубе Милевски, кој во Казнено-поправниот дом „Идризово“ издржувал повеќегодишна затворска казна за неколку кривични дела.
Љубе Милевски, инаку работно ангажиран на одржување на агрегатот и трафостаницата, завчера малку пред 20 часот се пожалил на болки во градите, по што, во придружба на домскиот лекар, итно бил пренесен во Ургентниот центар, каде што и покрај укажаната реанимација, починал.
Од Управата за извршување санкции информираат дека Милевски бил осудуван за убиство, недозволено држење оружје и даночно затајување, а за што му била изречена единствена казна затвор во траење од 9 години и 8 месеци. Издржување на казната Милевски ја почнал на шести ноември 2004 година. (Ц.Х.)