Исчезнатиот поштар го нема никаде
СТРУМИЦА - Точно 34 дена нема ниту трага ниту глас од исчезнатиот поштенски работник Александар Зифовоски (50) од струмичко Вељуса, вработен во селската пошта. Тој исчезна на први октомври годинава. Семејството го пријавило неговото исчезнување во полиција, но досега никој не знае каде е Зифовски.
Жителите на Вељуса велат дека низ селото се зборува се' и сешто.
„Цело село знае за неговото исчезнување. Зошто исчезнал и каде исчезнал - не знаеме. Село како село, зборува се' и сешто. Подолго време работеше во поштата и досега за него не сме слушнале ништо“, велат дел од жителите.
Со исчезнувањето на Зифовски исчезнале и парите од поштата, а за колкава сума станува збор, се' уште не се знае. Откако исчезнал, во поштата извршиле контрола врз неговото работење по што констатирале недостиг од пари. Работењето на Зифовски им било сомнително и на жителите на Вељуса, кои во неколку наврати се пожалиле кај раководството на поштата во Струмица. Иако сметките ги плаќале во поштата, на парите им се губела трагата, а до некои пензионери не стасале и пензиите.
Се претпоставува дека шалтерскиот работник иако немал пасош, избегал со парите за Бугарија. Неколку дена по исчезнувањето, неговото возило било пронајдено во атарот на селото Двориште, кај Берово, во близина на македонско-бугарската граница. (Е.П.) |