Испаднаа Родик и Сафина
Лоша вест за Американците се и поразите на Блејк и на Квери
Испаѓање на првата тенисерка на светот и црн ден за Американците, ја обележаа саботната програма на УС-опен, последниот гренд-слем во оваа сезона.
Големите мачења во првите две кола против Роговска и Бариос покажаа дека Динара Сафина не во најдобра форма во Њујорк, а што не им успеа на Австралијката и на Германката, и успеа на Петра Квитова во 3. коло. Чехињата при 5:6 во третиот сет спаси три меч-топки и во тај-брејкот дојде до вредна победа од 6:4, 2:6 и 7:6 (5), по два и пол часа игра. Сафина направи 39 неизнудени грешки, девет двојни сервис грешки, само 12 директни поени, преслаба статистика за победа против 72. тенисерка во светот. Русинката во првите три гренд-слема доаѓаше најмалку до полуфиналето, а во Њујорк нема да ја види втората недела од турнирот.
Најголем шок на домашните им приреди Енди Родик. Петиот носител на УС-опен својот лов по вториот наслов во Америка го заврши на третата пречка, а утеха за домашните навивачи може да биде тоа што Родик загуби од неговиот сонародник Џон Иснер. На најголемото изненадување на машкиот дел од турнирот му требаа нешто помалку од четири часа игра, време за кое „испука“ 38 аса.
За комплетен мрак на домашните фанови се погрижија Робин Содерлинг кој го совлада Квери, инаку 22. носител, додека Томи Робредо направи мало изненадување победувајќи го 21. носител Џејмс Блејк.
Други резултати, тенисери:
Федерер (1) - Хјуит (31) 4:6, 6:3, 7:5, 6:4, Штепанек (15) - Колшрајбер (23) 4:6, 6:2, 6:3, 6:3, Ѓоковиќ )4) - Витен 6:7 (2), 6:3, 7:6 (2), 6:4, Давиденко (8) - Чидинели 6:4, 7:5, 7:5.
Тенисерки: Один - Шарапова (29) 3:6, 6:4, 7:5, Петрова (13) - Зенг (21) 6:4, 6:1, Дулко - Шведова 6:3, 6:4. |