Македонија подготвува вето за Грција
Кошаркарите попладнево против јужниот сосед стартуваат на ЕП во Полска
Од нашиот известувач Наум Котевски
ПОЗНАЊ - Почнува трката за кошаркарската сегашност, но и иднина! Долгите 10 години фрустрирачко чекање за излез од стакленото ѕвоно и афирмација на македонската репрезентативна кошарка на големата европска смотра се топеа далеку побавно од глечерите во Антарктикот. Но сега најбитно е што се стопија во уште само неколкучасовно исчекување. Денеска во 16.30 часот тука во еден од најстарите и петти по големина град во Полска, Познањ, кошаркарите на Јовица Арсиќ го играат против Грција својот прв меч во својот втор настап на едно европско првенство.
Иако, на овој дуел во државата, која е територијално нешто поголема од Италија, треба да се гледа само како на еден од низата од трите натпревари во групата А што треба да ги одигра Македонија, сепак, би било крајно наивно да се мисли дека туку така кошаркарите ќе успеат да излезат суви од морето на политички набој, поради долгогодишниот спор меѓу двете земји.
Спортот одамна е област од посебен државен интерес, некаде како таков официјално заведен и во уставот на земјите. Од фамозните антички „леб и игри“, па се до модерните држави, речиси никаде не е изневерен тој принцип. Оттаму јасно е зошто голем дел од навивачите тука во Полска, а и во Македонија, топло завиткани во провокативните знамиња од вергина на кошаркарскиот меч гледаат како на ексклузивен предмет на национален копнеж. Но, без разлика на измешаните емоции, спортски, политички, натпреварувачки, навивачите попладнево треба достоинствено да им дадат поддршка на своите кошаркари, на што апелираа тука и челните луѓе на Кошаркарската федерација.
Сличен апел до своите кошаркари упати селекторот Јовица Арсиќ, кој ги потсети дека не смеат да дозволат да изгорат во оганот на политиката. На тоа акцентот пред заминувањето го стави и македонскиот центар Тодор Гечевски. „Ние сме кошаркари, не политичари“, кажа во таа прилика популарниот Тоше, кој е оптимист дека оваа генерација ќе покаже дека е кадарна да прејде од категорија на потенцијално изненадување во легитимен кандидат за пласман најмалку во втората фаза (како што е познато, три репрезентации од групата одат натаму).
Во Познањ Македонија дојде на крилата на победничкиот менталитет. На последниот Ефес турнир, кој беше ЕП во мало (шест од тие репрезентации ќе играат и во Полска) кошаркарите на Арсиќ загубија само еден меч, оној во финалето од Хрватска. Сосема е јасно дека едно ЕП е тотално различна работа од било каков турнир, но во моментов нема причини да се сомневаме во изборот на Арсиќ. Србинот го собра најдоброто од Македонија, ако се изземе повредата на Влатко Илиевски. Имаме високи центри кои го отвораат рекетот, а од надворешните позиции може да погоди секој. Згора на тоа ако Познањ може да се пофали со најстарата катедрала во Полска ние може да се пофалиме со еден од најстарите играчи на првенството Врбица Стефанов. Никој тука во Полска, едногласни се сите, нема така „млад ветеран“. Тој е подготвен и максимално мотивиран за триумфално простување од својата прва љубов. Ако сите останати репрезентативци некако срамежливо најавуваат изненадување против Грција, тој беше најхрабар и кажа дека јужниот сосед ни е голема шанса. Тоа го поткрепи со неколку познати факти. Двократниот европски шампион Грција дојде во Полска со изменет состав и нов селектор на клупата, Литванецот Јонас Казлаускак, кој се обиде да креира многу побрза игра, со брзи шутеви, за разлика од Јанакис, кој беше поборник на долги напади на истекот на 24 секунди. Од тимот кој го освои златото во Белград 2005 година ќе ги нема Папалукас, Дијамантидис, Царцарис, Василопулос, Пападопулос, Хаџивретас, а тука се Спанулис, Зисис, Бурусис и Фоцис. Импресивни се крилните позиции со Принтезис од Олимпијакос и Перпероглу од Панатинаикос, а страшно под кошот изгледа џинот од Олимпијакос Скорцанитис.
„Знам дека повеќето мислат дека Грција не е толку квалитетна. Но погледнете го тимот. Тоа се играчи од Олимпијкос, Панатинаикос, ЦСКА Москва, Бенетон, дури игра и високиот Куфос од Јута џез. На секоја позиција имаат алтернатива. Добро, недостасуваат некои ѕвезди, но на вакви турнири може да бидат поопасни оние кои допрва се докажуваат. Кај нив мотивот е како планина“, предупреди Арсиќ пред денешниот дуел, оставајќи ја улогата на голем фаворит кај Грција, со напомена дека утрешниот меч со Израел треба да биде нашата меч топка. |