Јосифоска во финалето во Брчко
Четвртата носителка Александра Јосифоска стигна до самата завршница на тенискиот фјучерс во босанскиот град Брчко, кој се играше на земјени терени и за награден фонд од 10.000 американски долари и каде што во вчерашното финале требаше да се сретне со втората носителка Николе Клерико од Италија. Најдобрата македонска тенисерка, која турнирот го почна како 575. на ВТА-листата, во четврт-финалето славеше со 6-3, 6-1 против осмата носителка и партнерка во двојки Ема Бургиќ (753.) од Босна и Херцеговина, а во полуфиналето беше подобра и од петтата носителка Кристина-Мадалина Станку (581.) од Романија со 6-4, 6-2. Од денеска Јосифоска продолжува на фјучерсот во Сараево (земја, 10.000 долари), каде што ќе биде прва носителка.
Димитар Грабулоски, пак, доживеа елиминација во четврт-финалето на фјучерсот во бугарскиот град Добрич (земја, 10.000 долари). По двете вредни победи над домашни претставници, вклучувајќи го и првиот носител Ивајло Трајков во првото коло, квалификантот Грабулоски (1087. на АТП-листата) загуби со 7-6 (5), 6-3 од осмиот носител Оскар Сабате-Бретос (715.) од Шпанија. (Р.Д.) |