Најнови вести: Кошарка
Тежок удар од Грција на стартот од ЕП
од нашиот известувач Наум Котевски
Европскиот шампион од 2005 ни нанесе срамен пораз од 86:64
Македонската кошаркарска репрезентација доживеа тежок пораз на стартот од европското првенство во Полска од континенталниот првак од 2005 година Грција. Никој од околу 500. македонски навивачи во салата во Познањ не очекуваше дека Грција за само пет минути ќе поведе со 18:3, односно дека за толку кратко време ќе направи серија од 14:0. Со тој блиц крик Грците пратија јасна порака, особено до нашиот лидер Врбица Стефанов, дека неоправдано се посомневал во нивниот подмладен тим, кој според него, го нема тој сјај од пред четири години во Белград. Напротив четвртата репрезентација од последното ЕП во Шпанија покажа голема моќ и сила и ја најави својата кандидатура за завршницата. Многу интелегентно Грците ја завршија својата прва приказна на ова ЕП. Постепено ја зголемуваа својата предност, за уште на полувремето да имаат позитива од 52:28. Во вториот дел на неа придодаоа уште 10 коша плус, за срамен пораз на кошаркарите на Јовица Арсиќ од 86:54.
Главна ѕвезда на тимот на Литванецот Јонас Казлаускас беше плејмејкерот на Панатинаикос Спанулис, кој битно потпомогнат од бекот на ЦСКА Москва Зисис одлично ги влечеше сите напади на нашиот јужен сосед, но и лесно поентираше, па на крајот заврши како најефикасен и во двата тима со 17 коша. Не му можеа ништо ниту Војдан Стојановски, а ниту Мираковски.
Селекторот Јовица Арсиќ на брифингот во хотелот непосредно пред натпреаварот се молеше да успееме некако да испровоцираме побрза игра, со доста контри, но тоа не се случи и, како што очекуваше тој во една таква една дијаметрално спротивна ситуација на паркетот, не можевме ништо против цврстата позиционираност на Грците.
И главниот наш мотор Врбица Стефанов беше неутрализиран, немаше и тој сила за организиран напад. Згора на тоа рекетот на Грците беше затворен од Бурусис и Фоцис, кои воведоа полициски час, па нашите центри, пред се во првиот дел, мораа да се извлекуваат и повеќе да играа како бекови. Антиќ и Гечевски беа главните шутери, но иако знаат да погодат од зад линијата за три се докажа дека тоа не е нивна природна позиција. Покрај тоа шутот не ги служеше ниту бековите, па на крајот статистиката вели дека во елементот во кој ја гледавме нашата најголема шанса тотално потфрливме, реализиравме само пет од вкупноте 26 обида за три. Со таков шут и таква слаба одбрана не можевме ништо повеќе.
Македонија 0 Грција 54:86, полувреме 28:52
Сала:Арена во Познањ, гледачи: судии:Иво Долинек од Чешка, Илија Белошевиќ од Србија и Матеј Таузер од Словенија
Македонија: Стефанов 3, Мираковски 3, Соколов, Ристе Стефанов 2, В.Стојановски 6, Блажевски, Тасовски, Гечевски 9, Антиќ 9, Д.Стојановски 2, Мејси 12, Самарџиски 8.
Грција: Калампокис 5, Бурусис 11, Зисис 8, Спанулис 17, Калатес 4, Фоцис, Принте��ис 6, Глиниадакис 5, Кајмакоглу 3, Куфос 6, Перпероглу 10, Скорцанитис 11.
Со крената глава во клучниот меч со Израел
Македонската кошаркарска репрезентација ќе се обиде во овие помалку од 24 часа да се рехабилитира, пред се психолошки, а потоа и физички по поразот од Грција и попладнево во 16.30 часот со студена глава да го одигра клучниот меч од групата А за пласман во втората на фаза на европскиот шампионат во Полска.
Ако постоеја некои оптимистички најави кај одредени кошаркари дека може да ја победиме Грција, елемент во кој предничеше Врбица Стефанов, кај селекторот Јовица Арсиќ од самиот старт на подготовките за ова ЕП постоеше само една најголема шанса. Таа се викаше и се вика Израел. Стариот наш должник, кој не елиминираше во третиот клучен меч од групите на ЕП во Франција пред 10 години. Уште се свежи сеќавањата кај македонската кошаркарска јавност на болниот кош на Одет Каташ во последната секунда. Денеска по 10 години ете шанса да вратиме за тој шок, но и за тоа што Израелците двапати не спречија да се пласираме на минатото ЕП во Шпанија. Најпрвин доживеавме пораз во Софија од 70.83, иако на Израел тоа не му значеше ништо, а потоа бевме совладани и во баражот во Менорка 92.87.
Ѕвезда во тимот на Израел е Јотам Халперин, поранешниот член на Сиетл, а сега на Олимпијакос. Станува збор за кошаркар со феноменални напаѓачки способности. Тука е и крилниот центар Лиор Елијаху, кој од оваа сезона ќе игра за Каха Лаборал, бивша Тау Керамика. Фино надополнување на овие двајца претставуваат Тал Бурнштајн од Макаби Тел Авив и неговиот соиграч, центарот Јанив Грин. Голем хендикеп за тимот на големиот стручњак Цви Шерф претставува неиграњето на Омри Каспи, кој наредната сезона ќе настапува за Сакраменто, потоа на ветеранот Тапиро, како и на натурализираниот Џејми Арнолд. Израел, кој има 24 учества на европските шампионати, најголемиот свој успех го оствари на ЕП 1979 година кога загуби од СССР финалето.
|