Сами се победивме во Глазгов
Македонија не искористи неколку шанси и загуби од Шкотска со 2:0, а со тоа, практично, се прости и од баражот
Миодраг Мицковиќ
Тоа е фудбал, може да биде убав, да носи радости, но и мошне суров, со тага и воздишки за пропуштените шанси, особено кога несреќно ќе се загуби натпреварот. Токму тоа им се случи на репрезентативците на Македонија на саботниот меч против Шкотска во Глазгов. Имаа игра, имаа шанси, не беа во подредена улога, но што вреди тоа кога не знаеја да ги искористат дсури и во моменти кога беа сами пред голот на Шкотска, очи в очи со голманот Гордон, кој практично им ја донесе победата на Шкотланѓаните со своите неколку одлични одбрани.
Трагичар на натпреварот беше сигурно нашиот најдобар играч Горан Пандев. Ја имаше најголемата шанса на мечот во 50 минута. По едно двојно проигрување, се најде сам пред голманот Гордон. Малубројните навивачи на Македонија во тој котел на Хемпден парк скокнаа на нозе, сите го очекуваа водството на нашиот тим, но Пандев, кој знае што сакаше во тој момент, шутираше право во голманот Гордон иако имаше и други можности за да ја затресе мрежата на Шкотите. Залудно се фаќаше за глава, шансата замина во неврат. Можеше уште на двапати пред тоа да го освлада Гордон во првото полувреме во 12 и 43 минута, но голманот Гордон ги покажа своите квалитети. Се повтори средбата со Исланд во Рејкјавик, кога тој истиот Пандев пропушти три стопостотни шанси и Македонија тогаш исто така загуби со 1:0.
И јасно, по онаа голема пропуштена шанса на Пандев во 50 минута уследи казна. Примивме мошне евтин гол од неизработена шанса, од прекин на играта. Александер центрираше од левата страна, Седловски иако беше до Браун не реагираше на време а овој само ја чепна топкатга со глава и го совлада немоќниот Николовски. Каков евтин гол, фудбалска трагедија, но тоа е тоа. Можевме сепак да се вратиме во игра десетина минути подоцна. Втора голема, подобро речено огромна шанса што ја имаше Георгиевски. Пандев по леватга страна мина неколку играчи, ја врати топката во шеснаесетникот на Шкотланѓаните, топкатга дојде до Георгиевски, беше на десетина метри далеку од голот, на веќе немоќниот Гордон, доби шанса подобра и од пенал, но тој брзоплето шутираше над голот иако околу него немаше ниту еден одбранбен играч на домаќините.
И тука приказната дека можеме да извлечеме барем нерешен резултат заврши бидејќи во 80 минута Мек Фаден буквално се прошета покрај тројца наши одбранбени играчи, му ја протна топката низ нозе на Седловски, го мина и голманот Николовски и тоа, како што пред мечот изјави Кени Милер, оној кој ќе загуби, ќе биде бакнеж за крајот.
Многу очекувавме од овој меч и со право. Не се посрамотивме на Хемпден паркот и покрај поразот, но за да се победи, за да се постигне успех, не е потребна само добра игра, потребни се и голови. А нив ги нема веќе подолго време на гостувањата на нашата репрезентација.
По мечот нашиот селектор Мирсад Јонуз беше видно разочаран од несреќниот пораз: „Кога нема да ги искористиме шансите, тогаш ја нема и посакуваната цел. Доколку први постигневме погодок сигурно дека епилогот на овој натпревар ќе имаше поинаков епилог. Нападнавме од самиот почеток на натпреварот, игравме добро но што вреди кога на крајот победи посреќниот тим. Одамна не сме имале таква шанса да освоиме три бода во гости. Среќата навистина ни го сврте грбот. Шкотланѓаните со ваква игра тешко дека ќе можат да ја победат Холандија. Сега останува да ја преспиеме ноќта и да се мобилизираме за последниот меч во нашата група против Норвешка. Веќе нема што да загубиме, против Норвешка ќе треба да покажеме дека имаме добар тим и дека нема повторно да ги разочараме нашите љубители на фудбалот“.
Трагичарот на овој натпревар Горан Пандев беше кус: „Навистина ми е тешко, разочаран сум, добро игравме но не ги искористивме трите големи шанси и на крајот поразени го напуштивме теренот. Трагично е што Шкотланѓаните својот прв удар кон нашиот гол го претворија во погодок кој практично и го реши натпреварот“.
Шкотска - Македонија 2:0
Полувреме: 0:0. Стадион: „Хемпден парк“ во Глазгов. Судија: Волфганг Штарк од Германија. Стрелци: Браун во 56 мин. и Мекфаден во 80 мин.
Шкотска: Гордон, Хатон, Витакер, Мекфаден, Александер, Флечер (Малони), Браун, (Хартли), Милер, Мекманус, Дејвидсон, Вир.
Македонија: Николоски, Новески, Попов, Митрески, Седлоски, Шумуликовски, Деспотовски, Стојков (Ибраими), Пандев, Наумоски (Тасевски), Георгиевски (Гроздановски) |