Осигурителните друштва против интервенционизмот на Владата
Државата директно засега во осигурителниот бизнис, а ќе бидат погодени и граѓаните
Александрија Стевковска
Осигурителните компании се категорично против владината одлука за 30 процентно намалување на автомобилското осигурување. Националното биро за осигурување обвинува дека одлуката не е донесена врз основа на анализа, туку врз основа на владина одлука. Според осигурителните друштва, кои не се осмелуваат јавно да коментираат, со оваа одлука државата директно засега во нивните џебови, а покрај штета за нив, ќе бидат погодени и граѓаните, бидејќи тоа ќе значи исплата на помала премија при евентуална сообраќајна незгода.
„Комисијата за автомобилска одговорност при Владата, која е единствено законски овластена еднаш годишно да изготвува анализа на состојбата на примената на тарифата за премијата од осигурувањето од автоодговорност, овој пат не ја донесе предлог-одлуката врз основа на анализа, туку врз основа на одлука на Владата за намалување на премијата за 30 отсто“, реагираат од Националното биро за осигурување.
Според Бирото, претставниците на осигурителните компании не се согласиле со намерата на Владата и дале свое посебно мислење кое е спротивно на мислењето на Владата, со барање Комисијата да изготви предлог-одлука врз основа на стручна анализа на осигурителниот пазар во земјава.
„Осигурителните друштва во Македонија изработија анализа која покажа дека техничката премија треба да се зголеми за 1,68 отсто, за да можат осигурителните друштва да работат согласно со законските прописи и пазарот во државава“, информира Националното биро за осигурување.
Според осигурителните компании, намалувањето нема да биде 30, туку 40 отсто.
„Намалувањето на премијата за 30 отсто, всушност, ќе биде повисоко, бидејќи од 1 август годинава се применува одлуката за давање 10 отсто бонус, што ќе значи намалување на осигурувањето од 40 отсто, а тоа пак ќе предизвика сериозно нарушување на работењето на осигурителните друштва“, сметаат во Националното биро за осигурување.
Ставот на осигурителните компании, изразен преку реакција на Бирото, е дека со оваа одлука ќе се наруши ликвидноста и солвентноста на нивното работење, што најмногу ќе се одрази врз граѓаните при регулирање на нивните оштетно- правни побарувања.
Според Националното биро за осигурување, невообичаено е одлуката за намалување на осигурувањето да стапи во сила веднаш, а да презема мерки за подобрување на условите за осигурување по ова намалување кои ќе се спроведуваат во наредниот период.
Иако осигурителните компании се бунат, одлуката за поевтинување на осигурувањето останува, а министерот за финансии, Трајко Славески, најави дека примената на оваа одлука во практиката може да се очекува веќе од оваа недела. Славески смета дека засилената контрола во сообраќајот и казнувањето на сопствениците на неосигурените возила е еден од начините за нивна помош на бизнисот на осигурителните друштва, со оглед на тоа што се очекува голем број од досега неосигурените возила да почнат да се регистрираат.
Оваа мерка, според Владата, е надополнување на претходно донесените одлуки на Владата за намалување на патарините и надоместокот за јавни патишта што се плаќа при регистрација на возилата, кои се во насока на намалување на трошоците за користење и управување со сообраќајните средства.Техничката премија е основа за формирање на цената на осигурувањето, а врз крајната цена влијаат и други фактори, како што е типот на возилото и годината на староста. Задолжителното осигурување во моментов, според силата на моторот на автомобилот, се движи од 4.300 до 12.968 денари. |