Славистите од Грција со почит кон почетоците на словенската литературна реч
До Претседателството на 14. Меѓународен славистички конгрес во Охрид стигнало писмо од грчките слависти
Невена Поповска
ОХРИД - Во рамките на програмата на 14. Меѓународен славистички конгрес викендов во Охрид Претседателството на конгресот одржа состанок на кој беа донесени повеќе одлуки. Традиционално на секој конгрес пред неговото затворање се избира земјата-домаќин на следниот меѓународен славистички конгрес. Годинава во трката за домаќини беа: Белорусија, Србија и Чешка. Едногласно на состанокот избрана е Белорусија за домаќин на 15-от Меѓународен славистички конгрес. Истовремено избрано е и новото претседателство кое веќе од 17 септември кога ќе заврши конгресот во Охрид ќе почнат со подготовките за следниот голем собир на славистите.
До Претседателството на Меѓународниот славистички конгрес, како што не информираа, стигнало и писмо од грчките слависти кои го поздравиле Конгресот и изразиле почит кон почетоците на словенската литературна реч и со жалење констатирале дека не се во можност да учествуваат на Конгресот во Охрид. Организаторите велат дека грчките слависти биле уредно поканети а поради кои причини не учествуваа на овој голем славистички конгрес не се запознати. Сепак важен е фактот што иако не учествуваат сепак славистите од Грција се обратиле до Конгресот во Охрид со огромна почит кон словенската литература.
Учесниците на 14.Меѓународен славистички конгрес изминатиот викенд беа дел од секциите за лингвистика и тоа на темите за: Еногенезата на Словените и иторијата на словенските јазици во врска со историјата на словенската материјална и духовна култура, прасловенскиот јазик и неговите дијалекти и словенската етимологија, но и за старословенскиот јазик, неговата дијалектна основа и територијалните варијанти. Улогата на црковнословенскиот јазик во формирањето на словенските литературни јазици како текстологијата на словенските паметници беше тема на секциите кои беа проследени со огромно внимание и учество.
Од областа на литературата, културата и фолклорот стана збор за епохата на Кирил и Методиј, периодот на словенската писменост и охридската книжевна школа со лингвистички, литературно-теориски, културно-историски аспекти, улогата на идеите на просветителството во појавата на националната самосвест на словенските народи, но и книжевните правци и школи во литературата на словенските народи - традиции и иноваторство. Романтизмот и реализмот во литературата на словенските народи, дезинтеграцијата на реализмот кон крајот на 19 век, симболизмот, футуризам, експресионизам и надреализам, по етиката на модернизмот, официјалната и неофицијална литература, како и современите појави во словенските литератури предизвика огромен интерес кај славистите. Интересна тема беше и темата за дијалогот Исток-Запад во словенските литератури, проблемите со взаемното проникнување на националните култури, глобализацијата, европските интеграциски процеси и потрагата по националниот идентитет.
Покрај промоцијата на изданијата: „Општословенскиот лингивстички атлас“ и „Работа на дијалектолошките атласи“ организаторите на учесниците на Конгресот со богата културна програма им овозможија подетално да се запознаат со историското и културното наследство на Македонија. Имено, викендов имаше зголемен интерес за проекциите на документарни филмови од Кинотеката на Македонија при што можеше да се погледнат интересни наслови и тоа: „Охридско езеро“, „Средновековни фрески во Македонија“, „Охридскиот светилник - Св. Климент Охридски“, „Охридска пастрмка“, „Ритам и звук“, „Кавал“, „Гајда“, „Галичка свадба“и други. За учесниците на Меѓународниот конгрес беше организирана и екскурзија со разглед на Охрид како културно-историска ризница, „Св. Наум “- волшебен спој на природата, историјата и духовноста, манастирскиот комплекс „Св. Јован Бигорски“ раскош од природни убавини, и посета на Битола градот на конзулите и споменичкиот комплекс „Хераклеа Линкестис“. |