Kантар
Храна за црви (а, „Пиреј“)
Агим Јонуз
Тешко на тие црви нас што ќе не' „мезат“. Ќе се испорасипат. Ќе почнат да се караат меѓу себе, да се двојат, тројат, да се јадат, да се ништат
Забораваме понекогаш на старите народни поговорки и реченици кои значат животна филозофија. Една стара народна филозофија вели дека сите ние еден ден ќе завршиме како храна за црви без оглед на тоа кои сме, што сме, како се викаме, на која религија или етникум припаѓаме и се' друго. Колку се' останува релативно при помислата на една ваква народна филозофија. А сите оние кои моментно не се храна за црви, туку живи и здрави суштества кои држат во рацете читанка во која ја пишува историјата, ќе додадат или одземат нешто во вид на приватна пишана историја која само ќе ја дорелативизира материјата. Македонија (демос) секогаш ќе има свои херои кои ќе сакаат да се сместат во таа книга. Секогаш ќе имаме шизици кои нешто започнале ама не довршиле. Ќе се врти ли Македонија вечно во една иста историска приказна во стилот на Агата Кристи во која некој „клет шпион“ (читај пак сопствен нож в грб) не дозволил да се „тераат работите“. Ќе ни биде ли вечно некој друг виновен, а ние ќе се опеваме во песните кои ќе звучат тажно и елегично по неколку чаши вино?
Кога во минатата колумна Македонија ја именував со „Мацо“, тоа требаше да се протолкува (моја интенција) со најпозитивна емоција кон една имагинарна миленичка во скутот која од милост и љубов најконструктивно се кара и критикува. Нејсе, не ме разбраа некои. А како да се однесува и реагира човек со своите емоции кон еден моронизам кој е толку навлезен под нашево сонце и кој како жива кал не ни дозволува да „пркнеме“. Милион пати сум подвлекол (не само јас, де) дека сме толку мал демос кој си дозволува толку моронизми и примитивизам што веќе не' доведува во филм на „самогнасење“ од нештата. И? Молам? Не е така!?
Тешко тие црви нас што ќе не' „мезат“. Ќе се испорасипат, пролив ќе ги фати. Ќе почнат да се караат меѓу себе, да се двојат, тројат, да се јадат меѓу себе, да се ништат. Од нашето ткиво ќе се претворат во канибали, во мутанти. Не се тие виновни. Храната си го чини своето. Чуден народ сме ние. Ми се проткајува една мисла од Петре М. Андреевски кој во „Пиреј“ не' нарекува со тоа име (Пиреј), велејќи дека сме како тоа растение, никнеме од ништо, не има секаде. Ех, под ова сонце и камен да посадиш ќе никне. Арно, ама...
Зборот Македонија се проткајува по усните човекови дури и пред да се изусти името Христово. Таа иста Македонија „се' уште гради држава“! Се' уште се врти во круг и се бори самата за себе, но и со себе. Да не се правиме наивни дека не сме сведоци на чаршиски муабети дека ако скоро Македонија не закрепне, може и да ја снема, да не постои!? Да се подели. Каков моронизам, изустен од биолошки единки кои јадат леб во државава, кои лицемерно гледаат секојдневно сеир како сопствената држава се задушува во историскиот чад што го „прдат“ самите тие. Каде е чувството на државност (емотио) на ниво на се' што треба „про Патриа“? Каде ни е здравиот разум впрегнат во полза на државните интереси, „вишите идеали“? Каде е чувството на должност да се биде сериозен за секое прашање кога нешто е од историско, пресудно значење за иднината, за опстанокот, за пополнување на празните страници од читанката наречена историја. Имаме ли политичари кои секогаш со самото појавување се свесни дека еден ден ќе бидат „бивши“, дека биле политичари затоа што требало така, а не затоа што моментот рекол дека им е дадено од бога да се покажат и да го тргнат орото напред. Да го сменат правецот на орото да не се врти само во круг, туку да се разбранува кон напред. Додуша, „слава им“ на бившите „некој и нешто“... покорисни се токму како „бивши“, барем служат за пример како се оди во историјата предвреме!
Сум прашал и другпат, но пак да прашам, сте ја читале ли книгата „Галебот Џонатан Ливингстон“? Ако не, навистина штета, а веднаш да ја прочитате. Македонија има многу како Џонатан Ливингстон! Можат да се најдат во бироата за вработување како чекаат на ред за да потврдат „невработеност“, па со таа белешка да можат да земат трошка во вид на помош од која може да си купат само надеж дека ќе преживеат. Можат да се најдат жигосани на разни форуми во кои оние што се неспособни да ги следат, инквизиторно ги прогласуваат за еретици и персони нон грати. Ги има на двете страни од Вардар, по должината на Полог, Скопје, до Гевгелија. Може да се препознаат само по тоа што се настрана од се' што значи нешто во државава, по тоа што не припаѓаат ниту на еден табор ниту на една група која носи ист дрес, проколнати од нашата стварност исклучиво затоа што размислуваат со своја, а не со туѓа глава. Можам само да зажалам што јас не сум еден од нив. Не сум, затоа што сум принуден на милиони компромиси, затоа што треба да одгледам дете, да прехранам семејство, да одржам фамилија која од мене чека! Единственото што ми останува е да му се одушевувам на секого во кого ќе го здогледам и почувствувам Џонатан Ливингстон, кој ми даде повод и за нешто друго! Во ниту еден момент не се вели дали (иако е машко име), тој галеб бил мажјак или женка!? Па, зарем е тоа важно!? Небото е и сечие и ничие. Таква е и Македонија! Моја, твоја, негова, сечија, а всушност, таа ни припаѓа на сите нам, па дури и на сите оние Џонатани на кои не им е дадена шанса, или барем се задушуваат во густилото на неспособните летачи крај себе! Дали Џонатаните во демосот наречени граѓани на Македонија ќе имаат некогаш шанса да им покажат на останатите во јатото дека погледот кон хоризонтот има и поинакви перспективи. Дека не значи оти ќе си ги изгориш крилјата ако се обидеш да леташ малку поинаку од класичната шема и леташ кон сонцето. Македонија има галеби, иако не се викаат Џонатан, но сеедно, ги има олицетворени во Петко, Станко, Хасан, Мустафа... пуштете ги да ве научат како се лета малку поинаку, драги бивши... иднината им припаѓа ним! Допрва доаѓаат, гледам како растат од ден на ден.
П.С. Тешко е денес да не си барем малку депресивен доколку очите ти се ширум отворени и стварноста ја апсорбираш реално. Многумина ќе си го најдат местото под ова сонце кое дури и на бајракот го ставивме и симболизира почва полна со сонцевина за сите. Не значи дека ако не се тепаш за власт, нема што да и' дадеш на државата. Токму затоа ќе цитирам зборови на еден албански интелектуалец, инаку граѓанин на РМ, мој пријател, кој во една пригода рече дека: (цитирам) „отсуството на желба за борба за власт не значи и аполитичност“, „дали е политичар тој што се бори за власт или, пак, тој што и' мисли и работи за доброто на земјата“, тој што носи знаење, умеење и маслиново гранче под пазуви? Најди го, дај му шанса. Не прашувај го за име, прашај го за ука! А будали имало и ќе има! А, Македонија? Ќе живее и ќе преживее. Сигурен сум, може таа...
(Aвторот е колумнист/аналитичар)
[email protected]
|