Мето Јовановски лауреат на „Ристо Шишков“
Големото актерско признание Јовановски го доби за улогата на Мартин во „Коза, или која е Силвија?“
Лауреат на годинешното, 16 по ред издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица е нашиот реномиран актер Мето Јовановски. Ова големо актерско признание, Мето Јовановски го доби за доби за улогата на Мартин во претставата „ Коза, или која е Силвија?“, работена според текстот на Едвард Олби, во режија на Дино Мустафиќ, а во продукција на Драмски театар од Скопје. Главната тематска преокупација во оваа претстава се изместените вредности, чувства, бескрупулозност во етичко-човечна смисла... Човек, семејство и една коза, како симбол и персонификација на бегство од безизлезот. Ова е идејната основа околу која орбитира познатото дело на мајсторот на апсурдноста и егзистенцијализмот, Едвард Олби. Во претставата покрај Мето Јовановски настапуваат Кирил Ристоски, Филип Трајковиќ и Јелена Жугиќ.
Жири комисијата, во која членуваа минатогодишниот лауреат, Ѓорѓи Јолевски, како претседател, заедно со Петрос Панамос од Грција, Зора Георгиева, Јоана Поповска и Марин Јанев како членови, едногласно му ја додели наградата токму на Мето Јовановски, поради тоа што, како што се вели во образложението: „Мето Јовановски во улогата на Мартин брилјираше на сцената со својата неверојатна енергија која бликаше во секој миг од неговото сценско суштествување. Водејќи го ликот со смиреност, не покажувајќи ги своите актерски адути, врутокот на своите внатрешни немири го пренесуваше интелигентно и мистично. Мето Јовановски мудро и ненаметливо го водеше својот лик, величејќи го апсурдизмот и апсолутизмот на Олби, до совршенство. Јовановски е стожер околу кој кружат актерските енергии на партнерите и со тоа го создава амалгамот наречен – театар“.
Наградата „Ристо Шишков“ е парична и изнесува 1500 евра и златен медалјон со ликот на театарскиот бард.
Покрај оваа награда, беше доделена и награда за најдобра претстава во целина која ја освоија гостите од Санкт Петербург, од Русија, за претставата „Љубовникот“, која пак ја доделува Управниот одбор на фестивалот.
На овогодинешното издание на фестивалот, беа изведени вкупно 12 претстави, шест од земјава и исто толку од странство. (Л.М.) |