Кошаркарите со победата над Летонија на чекор до Полска
Во околности слични на тие во Рига, Македонија и' врати на Летонија (80:78) и изби на чело во групата на патот до ЕП
Роберт Димитриевски
Македонија широко си ги отвори вратите на Европското кошаркарско првенство 2009 во Полска со победата од 80:78 над Летонија во четвртото коло, со која изби на чело во групата Б од квалификациите. Од преостанатите две средби, в среда во Португалија и в сабота со Естонија во Скопје, на македонските кошаркари најверојатно ќе им биде потребна само една победа за повторно да заиграат на ЕП по цели десет години.
Малку недостигаше на избраниците на селекторот Јовица Арсиќ да им се повтори кошмарот од првиот дуел во Рига, кога во продолжението загубија со 83:82 со тројка во последната секунда. И тогаш и сега Летонците имаа меч-топка, овој пат и 15 секунди за последен напад и евентуална егзекуција наспроти тогашните 10, но сега на Јанис Блумс на шест секунди до крајот од огромна далечина не му „фати“ шутот како на Кристапс Јаниченокс на стартот од квалификациите на 3 септември. Во претходниот напад, како и во Рига, Летонците направија прекршок врз Владо Илиевски при водство на Македонија од 79:78 на 21 сек. до последниот звук на сирената, а нему повторно му затрепери раката при изведувањето на првото слободно фрлање! Исто како во Рига, Илиевски второто го реализира, по што на шестилјадната публика во преполната сала „Борис Трајковски“ и' се видоа цела вечност 15-те секунди во кои плејмејкерот Каспарс Валтерс долго ја држеше топката во свои раце пред да му ја даде на Блумс да поентира од без малку девет метри оддесно.
Кој ли можеше да претпостави дека ќе се влезе во финиш за инфаркт по солидната предност на домаќинот од 77:70 на 3,11 мин. до крајот? Прво Јаниченокс со тројка, а потоа и Каспарс Берзинш со два поена и дополнително слободно фрлање на 1,32 мин. до крајот се доближија на само еден поен негатива, па Перо Антиќ промаши две слободни, но на 50 сек. до истекот на времето се извади со успешно положување за водство од 79:76. Само пет секунди подоцна Андрис Бједринш реализира две слободни, по што Врбица Стефанов не погоди тројка, Илиевски со офанзивен скок ја собра топката и нешто подоцна беше фаулиран и следуваше разврската опишана погоре.
„Многу ми е мило што успеавме да го добиеме овој натпревар. Можам да кажам дека можеме да играме многу подобро, но долгите патувања и кратките интервали меѓу меѓу мечевите им паѓаат тешко на моите играчи. Сепак, ова беше многу добар натпревар, во кој нашиот тим покажа борбен дух, а и публиката стоеше зад нас и ни помогна да ја забележиме оваа значајна победа“, изјави Арсиќ по средбата.
„Остваривме витално важна победа, која широко ни ги отвора вратите на евробаскетот во Полска. Клучот на победата беше во бројот на загубени топки: Летонија имаше 18, а ние само пет“, посочува Тодор Гечевски.
Своите грешки Летонците ги надоместија со тоа што го натскокаа противникот со 47:29 во тој сегмент од играта, најмногу по заслуга на вонсерискиот центар на Голден стејт, Бједринш, кој самиот прокнижи 18 скока. Колкав е неговиот придонес во играта на Летонија покажуваат и 23. поени, од кои сите 11 за својот тим на почетокот од средбата! Неговите чувари Гечевски и Самарџиски направија девет лични грешки заедно, па по излегувањето на првиот поради пет фаули Арсиќ на летонската НБА-ѕвезда беше принуден да и' се спротивстави со удвојување со Антиќ и со Џеремаја Мејси.
„Израмнет натпревар, баш како тој во Рига. Добро се боревме, но, за жал, направивме многу грешки и промашувавме од лесни позиции. Имавме шанса, но го утнавме шутот за победа во слични околности како во Рига, каде што погодивме. Според тоа, правдата е задоволена“, џентлменски прокоментира Србинот на летонската клупа Ненад Трајковиќ.
„Одигравме солидно. Натпреварот беше израмнет до крајот, но имавме многу загубени топки и токму поради тоа победија тие. Тие беа подобар тим и ја заслужија победата“, сличен во изјавата беше и плејмејкерот Кристапс Валтерс.
Послабиот ефект од ударите за два и за три поена Македонија, покрај со драстично помалиот број грешки го компензира и со дури 14 украдени топки наспроти само две на гостите.
Македонија - Летонија 80:78
По четвртини: 28:17, 16:25, 20:19, 16:17. Сала: „Борис Трајковски“ во Скопје. Гледачи: 6.000. Судии: Ламоника (Италија), Томов (Бугарија) и Гонтас (Грција).
Македонија: В. Стефанов 16, Илиевски 12, Мираковски 2, Р. Стефанов 14, Стојановски, Блажевски, Тасовски, Гечевски 13, Антиќ 14, Гоцевски, Мејси 8, Самарџиски 1. Селектор: Јовица Арсиќ.
Летонија: Хелманис, Блумс 10, Валтерс 15, Јаховичс 2, Веселовс 5, Ципрус, Калве, Јаниченокс 17, Бједринш 23, Берзинш 6. Селектор: Ненад Трајковиќ.
Квалификации за ЕП во Полска
Група А, шесто коло: Унгарија - Србија 61:89, Финска - Италија 62:69. Табела: Србија 11 (5/1), Бугарија 10 (4/2), Италија 10 (3/4), Унгарија 9 (2/5), Финска 8 (2/4). Среда: Италија - Бугарија, Србија - Финска.
Група Б, четврто коло: Естонија - Португалија 54:60, Македонија - Летонија 80:78. Табела: Македонија 7 (3/1), Летонија 7 (3/1), Естонија 5 (1/3), Португалија 5 (1/3). Среда: Летонија - Естонија, Португалија - Македонија.
Група Ц, четврто коло: Украина - Турција 64:86, Белгија - Франција 65:71. Табела: Турција 8 (4/0), Франција 6 (2/2), Белгија 5 (1/3), Украина 5 (1/3). Среда: Франција - Украина, Турција - Белгија.
Група Д, четврто коло: Велика Британија - Израел 96:86, Босна и Херцеговина - Чешка 95:79. Табела: В. Британија 7 (3/1), БиХ 6 (2/2), Чешка 6 (2/2), Израел 5 (1/3). Среда: Чешка - В. Британија, Израел - БиХ. |