Катните гаражи се „изгубија“ во деловните објекти

Според Градежната инспекција, двата објекта се градат во согласност со издадените одобренија и проекти
Деспина Трајковска
Комерцијално-деловни објекти наместо катни гаражи. Вакви две зданија најмногу за една година ќе профункционираат во центарот на градот, каде што хронично недостасуваат паркинг-простори. Од Општина Центар, која ги издаде дозволите за градба на објектите спроти ТЦ „Рамстор“ и во Капиштец, уште тогаш информираа дека одобренијата дозволуваат изградба на катна гаража во комбинација со деловен објект. Притоа, општинарите не објаснија кој и по чие барање извршил измена на Детаљниот урбанистички план за да се добие ваквата намена на објектите, односно би се вцртале постојните маркички.
„Се' е легално и според планот. Моја работа е да ја надгледувам работата на теренот, а што и како претходно се случувало, не е моја работа, ниту, пак, ме интересира“, ни изјави Милан Пижула, главен градежен инспектор во Општина Центар, според кого градежните работи и на двата објекта се изведуваат согласно со издаденото одобрение за градба и проектите.
Објектот до ТЦ „Рамстор“, кој треба да претставува катна гаража, како дел од проектот за деловен објект на НЛБ Тутунска банка, неодамна во делови почна да се застаклува. Дали со стакло ќе се затвори целиот објект, вчера не добивме одговор. Ајдован Адемовски, сопственик на „Сити плаза“, кој е делумен инвеститор на катната гаража и деловниот објект, поради отсуство од земјава не беше достапен за коментар. Пред половина година, тој појаснуваше дека катната гаража ќе биде една од најсовремените во регионов, целосно затворена и со можност за паркирање на покривниот дел од објектот. „Единствено тоа ќе остава впечаток дека станува збор за катна гаража и тоа доколку се гледа од некој повисок објект“, изјави тогаш Адемовски, категорично отфрлајќи ги шпекулациите дека наместо катна гаража, таму се гради хотел.
Од изградбата на втората катна гаража во центарот на градот, спроти централата на „Жито лукс“ во Капиштец, уште кога се поставуваше камен-темелникот беше потенцирано дека таа нема да претставува класичен наменски објект за паркирање. Објектот на површина од 3.500 квадратни метри ќе има приземје, три ката и потпокрив и ќе биде со капацитет од 500 возила. Во приземјето ќе има голем супермаркет и 20 локали, чиј инвеститор е сопственикот на маркети „Тинекс“. |