Обама, му даде рок на Иран за нови преговори за нуклеарната програма
ВАШИНГТОН - Соединетите Американски Држави соопштија дека Иран „прави чекор назад“ со именувањето министер во кабинетот, осомничен за тероризам. Претседателот Махмуд Ахмадинеџад го избра Ахмад Вахиди, кого Аргентина го бара поради напад врз еврејски центар во 1994 година, за нов министер за одбрана. Вахиди значително е поддржан од иранскиот парламент Мајлис, при што 227 пратеници од вкупно 286 му изразија поддршка, рече иранскиот спикер Али Лариџани. Стејт департментот го опиша именувањето како „вознемирувачко“. „Иран денес прави чекор назад со поставувањето познат осомничен за учество во терористички чин на висока функција“, изјави претставникот на Стејт департментот, П.Џ. Кроули. „За Иран тоа значи испраќање погрешна порака“.
Американскиот претседател, Барак Обама, му даде рок на Иран до крајот на септември да се согласи со нови преговори за неговата нуклеарна програма или да се соочи со поостри санкции. САД изразија надеж дека Иран би презел „чекор напред за да се ангажира“ во светот, покажувајќи нов „пристап“. Преземајќи ја функцијата Вахиди за новинската агенција Ројтерс изјави дека „сите оние што дејствуваат против Иран ќе се соочат со железната тупаница на иранската влада, нација и вооружените сили“.
Интерпол од Аргентина издаде налог за апсење на Вахиди поради нападот врз Израелско-аргентинска заемна асоцијација од Буенос Аирес во 1994 година, при што загинаа 85 лица. САД ги поддржаа напорите на Аргентина да ги прогонува одговорните за нападот. Во времето кога се случи нападот Вахиди беше командант на специјална единица на иранската револуционерна гарда, позната како Силите кудс.
Израел и Аргентина претходно го осудија именувањето на Вахиди, така што Буенос Аирес го нарече „навреда за жртвите“ на нападот. Јавниот обвинител што го истражуваше нападот, Алберто Нисман, го опиша именувањето на Вахиди како јасен сигнал за отворена непослушност и рече оти Иран секогаш одбивал да соработува со аргентинските судови. Иран негираше каква било инволвираност во експлозијата и додаде дека случајот е политички мотивиран. (Би-Би-Си)