Караџиќ бара време да се подготви за судењето
Во постепените пресметки Караџиќ истакна дека тој и неговите советници ќе треба да потрошат 22.145 часови подготовка за судењето
АМСТЕРДАМ - Поранешниот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ, вчера изјави дека му се потребни точно 14.171 дополнителен час за да ја подготви својата одбрана за обвиненијата за воени злосторства извршени во време на босанската војна од 1992 до 1995 година, поради значителниот обем на документите и сведочењето, кои мора да се прегледаат. Барањето на Караџиќ следува откако пред неколку дена обвинителите го намалија опсегот на случајот против него, како одговор на барањата на судијата пред судењето да се скрати и да се фокусира на главните инциденти. Истиот судија пред две седмици сметаше дека случајот е подготвен за судење.
„Обвинителството не покажа сериозна намера значително да го намали опсегот на овој мегасудски процес“, истакна Караџиќ во барањето објавено од Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија.
Караџиќ, уапсен минатата година по 11 години бегство, се соочува со 11 обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучувајќи и две за геноцид. Тој се наоѓа во притвор во Хаг една година. Во постепените пресметки Караџиќ истакна дека тој и неговите советници ќе треба да разгледаат 591.315 страници од селектирани документи, 5.420 часови сведочења од сведоци на обвинителството и други подготовки, што вкупно бара 22.145 часови подготовка. Претпоставувајќи дека работниот ден за неговиот правен тим е 7,5 часа и одбивајќи ги часовите кои веќе се потрошени, Караџиќ дојде до крајниот податок што значи 10,1 месец. Караџиќ изјави дека „нема иницијатива непотребно да го одложува судењето, но не може да очекува судење за кое немал соодветна можност да се подготви“. На почетокот на седмицата обвинителството го намали бројот на местата каде што се случиле инциденти што се посочени во обвинението, и го намали сведочењето за околу една четвртина, односно на 152 сведока.
Трибуналот, формиран во 1993 година, соопшти дека очекува да ги заврши случаите до крајот на 2010 година и жалбите до крајот на 2011 година, иако се очекува Советот за безбедност на ОН да му дозволи на Судот да го заврши случајот против Караџиќ. Војната во Босна, предизвикана од распаѓањето на Југославија, беше место на некои интензивни борби и етнички чистења. Караџиќ, како и неговиот генерал Ратко Младиќ, кој се' уште е во бегство, се соочуваат со обвиненија за геноцид за масакрот на 8.000 муслимански мажи и момчиња во Сребреница во 1995 година и за 43-месечната опсада на Сараево. (Ројтерс)
|