Осум лица од Естонија се обвинети за киднапирање на „Арктик си“
Исчезнувањето на бродот и натаму е обвиткано со мистерија, среде шпекулациите дека бродот можеби бил пресретнат од Мосад
МОСКВА - Новинарот кој укажуваше дека товарниот брод „Арктик си“ што, наводно, беше киднапиран во јули, можеби пренесувал илегално оружје, побегна од Русија. Михаил Воитенко рече дека бил известен да замине од Москва или да се соочи со апсење. Уредникот на поморското онлајн списание „Совфрахт“ побегна во средата, изјавувајќи дека можеби нема да се врати, бидејќи животот ќе му биде загрозен. Во врска со овој случај осум лица, главно, од Естонија, се обвинети за киднапирање и пиратство. Лицата се осомничени дека го киднапирале бродот и неговиот 15-член руски екипаж откако го нападнале маскирани како полицајци. Наводните киднапери биле пренесени во Русија откако бродот е забележан 480 км на западното крајбрежје на Африка на 16 август.
Воитенко, кој меѓу првите фрли сомневање на официјалните објаснувања за исчезнувањето на бродот, изјави за Би-Би-Си дека е бесмислица да се сугерира оти биле инволвирани пирати. Место тоа, тој укажа дека бродот можеби пренесувал тајна испорака на оружје, како дел од приватна бизнис- работа на државни претставници. Во изјавата за Би-Би-Си од Турција, Воитенко рече дека добил заканувачки повик од „сериозни луѓе“, за кои смета дека можеби се членови на руската разузнавачка агенција ФСБ. Повикувачот му рекол на Воитенко дека инволвираните во мистериозниот случај со „Арктик си“ се многу лути на него, бидејќи зборувал јавно и планираат да преземат акција против него, додаде тој. „Се' додека сум надвор од Русија се чувствувам безбеден“, изјави Воитенко за Би-Би-Си. „Барем нема да бидат во можност да ме вратат во Русија и да ме осудат“. Тој додаде дека НАТО точно знаел што се случило со „ Арктик си“.
Портпаролот на НАТО јави дека алијансата била во контакт со Русија во врска со кризата, но не наведе други детали. ФСБ одбива да ги коментира тврдењата.
Исчезнувањето на бродот и натаму е обвиткано со мистерија, среде шпекулациите дека бродот можеби бил пресретнат од Мосад, разузнавачка служба на Израел, со цел да се спречи испораката на илегално оружје на Блискиот Исток. Бродот од 4.000 тони со малтешко знаме исчезна во јули, откако од Финска замина со товар од градежно дрво, во вредност од 1,8 милиони долари, наменет за алжирското пристаниште „Беџаја“. Набљудувачите прашуваа зошто наводните киднапери би ризикувале да го киднапираат „Арктик си“ на една од најпрометните маршрути за испорака во Европа, за релативно евтин товар.
Руските власти соопштија дека кога минатиот месец го пронашле бродот, на него немало ништо сомнително, но додадоа дека ќе биде спроведена подетаљна истрага кога „Арктик си“ ќе пристигне во руското пристаниште Новоросиск. (Би-Би-Си) |